ЕК со критики до Русија и Кина: Ширевте дезинформации за коронавирусот во ЕУ

0
131

Европската Комисија денеска ги повика интернет-платформите да го засилат својот ангажман во борбата против дезинформациите и ги критикуваа Русија и Кина за нивната кампања со лажни вести.

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Јосеп Борел и потпретседателот на Комисијата за вредности и транспарентност, Вера Јурова денеска презентираа анализа на мерките за борба против дезинформациите поврзани со пандемијата на „ковид-19“ и укажаа на насоките на понатамошно дејствување.

Потпретседателката Јурова истакна дека борбата против дезинформациите за пандемијата на коронавирус мора да ги вклучи сите актери од „интернет платформите до јавните тела и да ги поддржат независните организации за проверка на фактите и медиумите“.

„Додека онлајн-платформите презедоа одредени чекори во вистинската насока за време на пандемијата, тие треба да го засилат својот ангажман“, додаде Јурова.

Комисијата ги повикува онлајн платформите, како што се Фејсбук, Твитер и Гугл, да започнат со поднесување месечни извештаи со подетални информации за нивните мерки за промовирање на релевантни содржини и да ги ограничат дезинформациите и рекламирањето поврзано со коронавирусот.

Исто така, ги повикуваат да ја засилат соработката со организациите за проверка на факти (во сите земји-членки, на сите јазици) и истражувачите и да ги спроведат своите политики потранспарентно, со цел да ги информираат корисниците кои доаѓаат во контакт со дезинформации.

Во својот документ, Комисијата споменува кампањи за дезинформации од странски актери, особено Русија и Кина, како и погрешни информации за третман и здравствена заштита, како и теории на заговор.

Некои од дадените примери се податоци од белгискиот центар за контрола на отрови, што забележал 15% зголемување на инцидентите поврзани со пиење белило или чист алкохол, како резултат на дезинформациите дека инфекцијата со коронавирус може да се третира на овој начин.

Исто така, се наведуваат теории на заговор, со тврдења дека пандемијата е всушност план на светските елити за намалување на светската популација или инсталирање на 5G мрежи за ширење на вирусот.

„Дезинформациите за време на пандемијата на „ ковид-19 “би можеле да доведат до нечија смрт. Наша обврска е да ги заштитиме нашите граѓани со тоа што ќе ги предупредуваме за лажни информации и ќе ги изложиме одговорните актери за ваквите акции. Во денешниот свет базиран на технологија, каде воините не треперат пред мечеви, туку тастатури, со насочени операции за ширење и кампањи за дезинформации се добро познато оружје на државните и недржавните актери, така што Европската унија ги зајакнува своите напори и капацитети во оваа област “, рече Борел.

Комисијата ја нагласува потребата да се прави разлика помеѓу нелегалната содржина, како што се говорот на омраза или детска порнографија, од содржина што е штетна, но не илегална.

Исто така, укажува на фактот дека границите помеѓу различните форми на лажни или погрешни содржини веќе не се јасни: од дезинформација, која е намерна, до неточни информации, кои можат да бидат ненамерни. Намерата може да варира од насочено влијание на странските актери до чисто економски мотиви.

„Секој од овие предизвици треба да се реши“, соопшти комисијата.

„Странските актери и одредени трети земји, особено Русија и Кина, учествуваа во насочени операции на дисеминација и кампањи за дезинформација во ЕУ, нејзиното соседство и во светот“, се вели во документот на Комисијата, додавајќи дека работната група исто така изложи објави на повеќе од 550 невистинити приказни за коронавирусот од проруски извори на веб-страницата EUvsDisinfo.

Одговарајќи на новинарско прашање, Борел рече дека ЕУ сепак нема намера да отвори студена војна со Кина во текот на кампањата против дезинформации.

Комисијата, исто така, објави дека ќе ја зголеми поддршката и помошта за актерите од граѓанското општество, независните медиуми и новинари во ЕУ и трети земји и поддршка за следење на нарушувањата на слободата на печатот и застапување за побезбедно медиумско опкружување.

Комисијата ги повикува земјите-членки да ги засилат своите напори да обезбедат новинарите да работат безбедно и да го искористат максимално пакетот за реакција и закрепнување на ЕУ за поддршка на медиумите кои се погодени од кризата, истовремено почитувајќи ја нивната независност.

Во извештајот, Комисијата предупредува на потешкотии во работата на новинарите, повикувајќи се на податоците од Советот на Европа и на „пример мапата“ од земјите-членки, кофинансирана од Европската унија.

Комисијата смета дека зајаkнувањето на медиумската писменост може да биде ефикасен одговор на дезинформациите.

„Овозможување и информирање на граѓаните и зајакнување на социјалната еластичност значи дека граѓаните треба да можат да учествуваат во демократска дебата со зачувување на пристапот до информации и слобода на изразување и промовирање на медиумите и информативната писменост на граѓаните, вклучително и критичко размислување и дигитални вештини. Ова може да се постигне преку медиумска писменост и проекти за поддршка на граѓанските организации “, се вели во соопштението од Комисијата.

Извор Канал5