Заев: Бојан Јовановски лаже зошто ги одбив сите барања да му помогнам!

0
77

Бојан Јовановски, по објавата на пресудата за “Рекет”, на судот му порача пари кои биле рекетирани да ги бара кај Зоран и Вице Заев.

По ова обвинување, “Фокус”, побара коментар од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

-Денешната пресуда за овој случај е потврда дека правдата функционира независно за кого станува збор.

Заврши времето кога политичари се јавуваа во правосудството за да заштитат прекршители на законот. И покрај тоа што сите докази за случајот познат во јавноста како Рекет и се добро познати на јавноста, сепак Бојан Јовановски вака јавно да лаже е од единствена причина, според мене, што токму јас го пријавив овој случај и секако ги одбив сите барања од него преку посредници за да му помогнам во судскиот процес, изјави Заев за “Фокус”.

Тој додава дека продолжува да се бори за правдата.

-Јас се борев и продолжувам да се борам за владеење на правото. Јас се борев и продолжувам да се борам законот да важи еднакво за сите, непристрасно да одлучува правосудството без разлика за кој се работи и секој што се огрешил пред законот да си одговара.

Истовремено сите закани за некаква моја комуникација со Бојан Јовановски кои ги достави до највисокото раководство на ВМРО ДПМНЕ токму неговиот адвокат, преку посредници, очекувам да се објават и уште еднаш да види јавноста која е вистината, дека мојата и определбата на СДСМ за правна држава се без компромисни и никакви закани или вакви лажни изјави нема да не одвратат од определбата за одговорност на секој кој се огрешил пред законите, вели Заев.

Лидерот на СДСМ потенцира дека судска разрешница во транспарентен процес мора да има и за сите случаи, за сите судски процеси, вклучително и за оние кои произлегуваат од предметите на СЈО.

Денеска беше објавена првостепената пресуда за „Рекет“, според која Јовановски беше осуден на 9 години затвор, а поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева доби 7 годишна казна затвор. Тие имаат право на жалба пред Апелација.

Извор Фокуc