Заев: Здраво е за државата ДУИ да оди во опозиција по 17 години власт

0
87

Дури и да е не е можно формирање влада без поддршката на ДУИ, нивното барање за Албанец премиер не е прифатливо, децидни и во СДСМ и во ВМРО ДПМНЕ.

Ултиматум ниту Заев, ниту Мицкоски ниту Ахмети не треба да прифаќа, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев уште еднаш отфрлајќи гоусловувањето од интегративците. Заев смета дека ваквото барање е национал –популистички концепт и поради ова ДУИ ќе ги загуби изборите.

„Ова што денеска се пласира од ДУИ, веќе го коментирав и повторно ќе го кажам, е само национал – популистичкиот концепт и ништо друго и верувам ќе изгуби и ДУИ заради тоа, зашто граѓаните треба да ги гледаме како кандидати – почнувајќи од мене и сите понатаму, рамнопрвно како кадарни, квалитетни, посветени, луѓе кои изградиле свој кредибилитет, кои се подготвени следните четири години целосно да се посветат на служење на граѓаните, чесни и од тој аспект да се разговара за секоја функција“, вели Заев.

Вчера и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски ја отфрли идејата и смета дека истата служи само за храбрање на членството на ДУИ. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски денеска вели победата на партијата ќе биде убедлива и нема да има дилема околу тоа кој ќе биде премиер.

Од ДУИ го повторија своето барање – велат македонските партии се плашат од оваа идејата бидејќи ќе го растури нивниот дуопол.

Предизборната кампања почнува за два дена, а партиите веќе се терен и со засилен активности и пред официјалниот старт на изборната трка.