Кина го усвои контроверзниот закон со кој и се зголемува власта над Хонг Конг

0
77

Кина го усвои контроверзниот закон за безбедност со кој значително се зголемува нејзината контрола врз Хонг Конг, неговиот судски систем и безбедноста, објавија западните медиуми иако се уште нема официјална потврда од Пекинг.

Неговото усвојување предизвика остри реакции дека со законот се поткопува посебниот идентитет на Хонг Конг.

Законот предвидува отварање посебна канцеларија за справување со случаите кои ја засегаат националната безбедност на градот а неговото спроведување ќе биде надгледувано од Комисија за национална безбедност во која ќе членува специјален советник назначен од Пекинг.

Именувањето нови судии од сега ќе биде исклучително право на извршниот директор на локалната власт, со што според опозицијата ќе се стави крај на независното судство.

И најважно од се е што Пекинг го задржува правото да одлучи како ќе биде интерпретиран законот, односно спроведувањето на пекингшкиот закон има приоритет над локалните закони.

Според Пекинг целта е спречување со насилните протести кои повеќе од една година се одржуваат во градот.

„Законот за национална безбедност ќе таргетира само едно мало малцинство на нелегални и криминални акти и активности, додека животот и имотот, основните права и слободи на огромното мнозинство граѓани ќе бидат заштитени. Над се, ќе ја поврати стабилноста во Хонг Конг“ – оцени извршниот директор на владата во Хонг Конг, Кери Лам.

Но критичарите обвинуваат дека законот може лесно да биде изманипулиран во полза на кинексата комунистичка партија и ќе биде злоупотребен за пресметка со демократската опозиција во градот.

„Нашата главна загриженост е дека националната безбедност ќе биде искористена како изговор за замолчување на опозицијата во Хонг Конг. Ќе биде искористена како изговор да се ограничи слободата на изразување, слободата на собирање на граѓаните. Се ќе биде направено врз основа на националната безбедност. Но дали се работи за вистинско спречување на загрозувањето на националната безбедност или ќе биде искористено како начин да се замолчи опозицијата? – вели Филип Дајкс, претседател на советот на адвокатската асоцијација на Хонг

Првите дејства во одговор на усвојувањето на законот веќе ги презедоа САД кои го укинуваат специјалниот трговски статус со Хонг Конг а Европскиот парламент гласаше за покренување тужба против Кина во Меѓународниот суд за правда во Хаг.

Велика Британија, која до 1997 година го контролираше Хонг Конг, најави промени во нејзината имиграциска политика со кои ќе им се олесни патот на милиони жители на градот за добивање британско државјанство.