Ковид-19 го скрати буџетот на партиите, Ангеловска: Сите треба да понесат дел од товарот

0
81

Владината уредба со кој што се кратат 4 милиони евра, средства на политичките партии, ќе бидат пренаменети за борба со последиците од Ковид 19, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска. Таа истакна дека ова е предлог на Министерството за правда во чиј што буџет е наменето финансирањето на партиите, но порача дека во оваа борба сите треба да го понесат делот од товарот.

„Претходно беше 0,15 проценти од вкупните приходи но сега согласно кризата и еве консензусот од страна на сите политички партии тој процент е намален на 0,04 проценти, или со предлог одлуката за кратење беа намалени значајни износи на средства, нешто околу 100 милиони денари се точно на ставката наспроти околу повеќе од дупло кои што биле на почетокот од годината.“, вели Ангеловска.

Но што велат политичките партии за оваа одлука.

„Цениме дека оваа одлука е соодветна на кризната ситуација во која што се наоѓа државата во однос на пандемијата иако сметаме дека одлуката можеби е задоцнета. Ќе беше многу попродуктивно доколку оваа уредба беше донесена уште во текот на месец март и овие средства уште тогаш беа употребени во одредени болници или места кои што се на линијата на фронтот против Ковид 19.“, рече Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Овие корумпирани политички субјекти, кои имаат многу други извори на финансии се авторите на таа одлука. Во врска со предлогот секогаш велевме дека се согласуваме и дека нема никаков проблем, дека сакаме да сме до граѓаните. Но, тие кои носеа такви уредби секој ден ги гледаме со скандали, за милионите кои ги спремаат секој ден за да ја купат волјата на граѓаните“, изјави Зијадин Села од АА.

„Апсолутно тоа се средства кои ги користиме за да функционираме во текот на една година, нормално дека ќе биде тешко, но ние како партија, во околностите на кои живееме и ни се наметнува од здравствената ситуација, не можеме да кажеме ништо повеќе или помалку, но сметаме дека е праведна одлука.“, рече Аријанит Хоџа од движење БЕСА.

Прашањето за намалување на средствата на партиите беше дискутирано пред неколку месеци, уште со првата одлука за кратење, но досега не беше оперативно досена со уредба и усвоена на седница на Влада. По вчерашната уредба партиите наместо 5 милиони евра сега ќе добијат нешто повеќе од милион евра кои ќе бидат распределени согласно законските прописи.

Извор 21тв