МВР, здравство и ДИК добија задолженија за подготовка на избори

0
140

Три институции добија соодветни задолженија од Владата за да продолжат со предизборните подготовки.

МВР треба да подготви листи од сите лица кои од денот на распишување на изборите наваму подигнале лична карта или пасош, како и оние кои ќе станат полнолетни до денот на изборите. Листите треба да се достават до ДИК 24 часа по стапување на сила на уредбата.

Само министерот Чулев на вчерашната седница гласал против уредбата, па не е јасно дали и како ќе постапи министертвото за задолженијата. Тој денеска не одговори на нашите повици и пораки.

Државната изборна комисија и Државниот завод за статистика, пак, добија задача да ги вметнат новите податоци од МВР и со тоа да го ажурираат избирачкиот список. Првиот човек на ДИК Оливер Дерковски за Канал 5 вели дека носењето на ваквата уредба го дерогира Изборниот законик. Останува на ставот дека на ДИК им се потребни минимум 35 дена за сите изборни дејствија.

„Владава си зема за право да со уредба ги дерогира уредбите на Изборниот законик. А правната логика вели дека кога ќе престанат условите за вонредна состојба, стапуваат на сила нормалните законски прописи.“

Задача има и Министерството за здравство кое, согласно веќе утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за сите членови на изборните органи треба да набави заштитна опрема а на избирачките места да постави средства за дезинфекција.

Ресорниот министер Филипче смета дека нема ризик по здравјето на луѓето да се одржат изборите се додека се почитуваат препораките.

Кога ќе стапат на сила одредбите од Уредбата ќе зависи од одлуката кога ќе заврши вонредната состојба.

Извор Канал5