Мицкоски: Побарав од премиерот Јанша да испрати тим од доктори, апелирам и Владата да најде меѓународна помош

0
130

идерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на својот профил на Фејсбук информира дека имал разговор со словенечкиот премиер и претседател на сестринската партија СДС, Јанез Јаншa, со кого зборувале за актуелната здравствена и политичка состојба.

Мицкоски побарал стручна помош за борбата со ковид-19, посочувајќи дека, како што вели, Македонија е на првото место по бројот на заболени и починати по глава на жител. Во таа насока, добил ветување од премиерот дека Словенија ќе испрати екдпертски тим за борба со ковид-19, за што го известил и министерот за здравство Венко Филипче.

„Разговаравме за словенечките искуства во справувањето со корона-кризата и фактот што Словенија беше првата европска држава која прогласи победа над вирусот. Токму затоа побарав од премиерот Јанша да испрати тим од доктори и експерти од Словенија кои ќе дојдат во Македонија и ќе помогнат во пренесување на своите искуства и знаења во надминување на корона-кризата. Премиерот Јанша веднаш се согласи да испрати помош доколку за тоа постои волја кај македонските здравствени власти, тим од врвни доктори кои ќе ни помогнат во справување на состојбите. Во таа насока остварив и разговор со министерот за здравство Венко Филипче кој го запознав со идејата и подготвеноста на премиерот Јанша да помогне. Тој ја прифати идејата и изрази уверување дека ќе обезбеди комуникација со словенечкото Министерство за здравство за реализација на хуманата идеја“,

напиша Мицкоски.

Мицкоски изрази благодарност до Јанша и ја повика Владата, како што вели, да ги искористи своите контакти и да обезбеди меѓународна помош.

„Благодарност до Република Словенија и премиерот Јанез Јанша што повторно излегува во пресрет и поддршка на нашата земја. Ќе продолжам во рамките на моите сили и можности да се борам за заштита на здравјето на нашите граѓани и справување на комплицираната здравствена состојба. Апелирам до Владата да ги искористи своите контакти и позиции и да доведе меѓународна помош која е добредојдена во овие моменти. Бројките се поразителни и укажуваат на тоа дека ни е потребна итна помош. Колку побрзо го признаеме тоа, толку повеќе ќе спасиме животи“,

порача Мицкоски.

Словенија и претходно донираше медицинска опрема во вредност од околу 110 илјади евра.

Извор 360°