Мицкоски: СДСМ е одговорен за експлозивната направа кај Мисајловски

0
76

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, директно го обвини СДСМ дека стои зад експлозивната направа која била фрлена утрово околу 3 часот во семејната продавница на неговиот потпретседател Владо Мисајловски.

„Овде не се работи за ’случаен‘ пожар каков му се случи на Влади Мисајловски пред неколку години, туку за јасна намера. Да не заобиколувам или да се трудам да бидам дипломатски коректен, одговорноста за ова е на власта на СДСМ. Таму треба да се бараат нарачателите и инспираторите на сето ова. И ова е израз на целосна немоќ, страв од пораз и тотална забеганост“,

вели Мицкоски.

Тој потсетува дека советник на премиерот вербално го нападнал и Игор Дурловски, па нагласува дека раководството на социјалдемократите е свесно дека губи и ова претставува крик на очајни луѓе кои прават сè за да не одговараат пред лицето на правдата.

„Овде битката е дали ќе им дозволиме на такви бандити да ни ја земат државата и ги контролираат нашите судбини или народот ќе си ја врати државата кај себе. Тие не се свесни дека јас и сите околу мене се решени да одиме до крај додека не го поразиме ова зло. Македонија е многу повеќе наша и на чесниот народ, колку што е на криминалците кои сакаат да печалат на туѓата мака. Ако пораката која сака власта да ја испрати кон опозицијата е страв, тогаш нашиот одговор е одлучност. Тие сакаат држава со искривена кичма, ние ќе ја исправиме Македонија и ќе ги победиме. Мојата поддршка за Владо Мисајловски. Македонија е посилна од сите нив“,

пишува Мицкоски.