Многу нови асимптоматски случаи – ќе се разговара дали ќе се бројат во заболени

0
144

Има нови многу нови кластери, а и нови асимптоматски случаи кои произлегуваат од кластерите, информира министерот за здравство, Венко Филипче . Тој рече дека во рамки на Комисијата за заразни болести следниве денови ќе се дискутира за тоа дали асимптоматските пациенти да се бројат како заболени, со оглед на тоа што одредени земји веќе не ги бројат.

Сепак, како што рече, треба и асимптоматските случаи да се имаат во предвид, во смисла на имплементирање на епидемиолошки анкети и ставање на луѓето во изолација.

„Да, има голем број на асимптоматски случаи кои што произлегоа од тестирањата направени во семејните кластери. Точно е дека повеќе земји ја менуваат оваа стратегија. Ние ова ќе го дискутираме во рамките на Комисијата за заразни болести, меѓутоа тоа не е причина и тие асимптоматски случаи да ги имаме предвид во смисла на имплементирање и на епидемиолошки анкети и ставање на луѓето во изолација“, рече Филипче на денешната прес-конференција во одговор на прашање.

И покрај тоа што за детектирање и регистрирање на бројките ќе се дискутира следните денови, Филипче рече дека тоа нема да го смени пристапот како ќе се тестира, како ќе се анкетира, кој се тестира и врз основа на што некој ќе оди во самоизолација.

За новото упатство од СЗО, Филипче рече дека е во процес на разгледување, а следните денови ќе излезат со информација.

“Ние го разгледувавме упатството од СЗО, стигна пред неколку дена. На денешниот состанок беше присутен директорот на Институтот за судска медицина на којшто дискутиравме за повеќе аспекти, така што во однос на овие податоци следните денови ќе излеземе со информација“, додаде Филипче.

Во однос на прашањето на НОВА, дали Инфективна клиника ја менува стратегијата при третирање на најтешките пациенти бидејќи во последните денови се нагалсува дека нема пациенти на респиратони машини, Филипче рече дека интензивно се работи со сите, а најтешките пациенти се лекуваат по проценка на лекарите.

„Проценка за начинот на лекување даваат инфектолозите, респираторниот пристап останува ист“, рече Филипче.

Извор Нова