Над 100 уапсени демонстранти по вчерашните насилни антирасистички протести во Лондон (ВИДЕО)

0
101

Повеќе од 100 лица се уапсени по судирите со полицијата за време на насилниот протест во Лондон, соопшти полицијата.

Демонстрантите, од кои некои биле екстремно десничарски активисти, вчера ја нападнаа полицијата, откако илјадници луѓе се собраа во Лондон, тврдејќи дека ги штитат статуите.

„Нема место за расистичко насилство на нашите улици“, рече премиерот Борис Џонсон. „Секој што ја напаѓа нашата полиција ќе се соочи со целосната сила на законот“.

Имаше и инцидент кога еден човек уринирал покрај споменикот на Кит Палмер, кој бил убиен во 2017 година во напад во близина на Вестминстер.

Министерот за внатрешни работи Прити Пател го опиша „сквернавењето“ на споменикот како „исклучително срамно“.

Покрај овој протест, во Лондон и низ цела Британија се одржаа серија мирни демонстрации против расизмот, инспирирани од протестите во Америка по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд, од рацете на полицијата.

Статуите на историски личности, вклучително и на Винстон Черчил, кои претходно биле прогласени за расистички од демонстрантите, беа покриени со штици за да ги заштитат од евентуална штета.

Скотланд Јард соопшти дека лицата се уапсени за прекршоци и кривични дела кои вклучуваат насилство, напад врз полицијата, поседување оружје, нарушување на јавниот ред и мир и поседување дрога.

Извор Канал5