Од вечерва почнува полицискиот час

0
81

Откако се зголеми бројот на заразени со новиот коронавирус, Комисијата за заразни болести препорача, а Владата одлучи да се врати полицискиот час за време на претстојниот викенд.

Утрешниот е прогласен за неработен ден за сите граѓани, има забрана за одење на гробишта за Духовден, а полицискиот час ќе започне вечерва во 21 часот.

Во Скопје, Куманово, Тетово и Штип забраната за движење ќе трае до понеделник до 5 часот наутро. Покрај во овие четири града, истиот полициски час ќе важи и за: Липково, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино, Јагуновце и Карбинци.

Во сите останати градови и општини, пак, полицискиот час ќе почне вчера во 21 часот и ќе трае до утре до 5 часот наутро. Останатите денови (петок, сабота и недела) тој ќе започнува од 16 часот и ќе трае до следниот ден до 5 часот наутро.

„Скопје е една функционална единица. Многу луѓе, покажаа и анкетите од прашалникот со заболените, со нивните контакти, дека циркулираат низ целиот град. Со оваа мерка го штитиме целиот град Скопје“,

изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Вчера во земјава имаше 101 новозаболен од ковид-19 и четворица починати пациенти.