Оливер Вархеји: Разговарав телефонски со Заев и Мицкоски за изборите

0
87

Оливер Вархеји, еврокомесарот за проширување и соседна политика на Европската Унија, на Твитер објави дека синоќа разговарал за претстојните парламентарни избори со претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ – Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

– Вечерва разговарав со лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за да ја нагласиме важноста за слободни, фер и инклузивни избори во Северна Македонија, земајќи ја предвид ситуацијата со Ковид-19, како и потребата од ефикасни мерки за економско закрепнување, напиша Вархеји.

Засега Заев и Мицкоски не информираат ништо за овој разговор, а останува енигмата дали овој разговор бил клучен да се расчисти патот за предвремени избори на 5 јули, бидејќи Владата активно започна да се подготвува. Покрај политичките, теми за разговор биле и здравствената ситуација со епидемијата и економската ситуација во која се нашла земјата.

Владата синоќа на седница ги задолжи МВР и ДИК да ги продолжат подготовките за организирање на изборите, во пресрет на истекувањето на вонредната состојба. Задолжено е и Министерството за здравство, согласно протоколите од Комисијата за заразни болести, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место.

Извор Фактор