Пекинг затвори 11 градски окрузи , откако коронавирусот се појави на пазар

0
71

Новите случаи на инфекција предизвикаа стравувања од повторно појавување на епидемијата во Кина, каде што започна ширењето на ковид-19 минатата година, конкретно од центарот на градот Вухан, но властите успеаја да ја контролираат болеста преку строг карантин.

Мерките постепено се олеснуваа ,бидејќи бројот на заразените лица се намали, а повеќето од новозаразените изминативе месеци беа граѓани кои се враќаа во Кина од странство.

Кина официјално регистрирала 4.634 смртни случаи од ковид-19, додека повеќе од 422.000 луѓе починале досега низ целиот свет.

Пазарот Ксинфади, во округот Фенгтаи во јужен Пекинг, е затворен затоа што е поврзан со повеќето случаи на инфекција.

Седум случаи на инфекција се потврдени во близина на пазарот, каде што се продава месо, риба и зеленчук, од кои шест во сабота, според кинеските власти.

Уште 45 асимптоматски случаи биле потврдени по тестовите спроведени во петокот на скоро 2.000 работници на пазарот, изјави официјален претставник на градското здравство, Панг Ксингуо.

Првиот случај на ковид-19 во Пекинг по два месеци беше пријавен во четвртокот. Станува збор за личност која била на тој пазар минатата недела и не го напуштил градот во последно време.

Меѓу шесте нови случаи пријавени во саботата имало тројца работници од пазарот, лице кое било таму да купува и тројца вработени во центарот за истражување на месо , на седум километри оддалеченост од пазарот. Една од нив била на пазарот минатата недела.

Властите го затворија пазарот, како и пазарот на морска храна што го посетило едно заразено лице за да спроведе дезинфекција и да соберат примероци за анализа.

Стотици полицајци се распоредени во близина на пазарите.

Официјални претставници на округот Фенгтаи вчера соопштија дека вовеле „воени мерки“ поради новиот бран на зараза.

Во саботата наутро, волонтерите ги обиколија граѓаните во нивните станови во неколку населби во Пекинг за да утврдат кои биле на пазарот Ксинфади.

Властите најавија и масовно тестирање во големи размери за сите лица што биле во контакт со пазарот од 30 мај.

Девет училишта и градинки се затворени.

Властите во Пекинг во петокот го одложија враќањето на учениците во основните училишта и ги прекинаа сите спортски настани.

Директорот на пазарот на месо, Џинфиди, изјави за вестите во Пекинг дека вирусот бил потврден во табли на увезен лосос.

Затоа санитарните власти наредиле инспекции низ градот на свежо и замрзнато месо, живина и риба, во супермаркетите, магацините и рестораните.

Во Кина, вкупно 83.075 луѓе се разболеле од ковид-19 и починале 4.634 лица.