Пендаровски: Очекувам безбедна и кампања со висока политичка култура

0
88

Hа првиот ден од предизборната кампања за предвремените парламентарни избори, претседателот Стево Пендаровски, порача дека очекува овие избори во време на пандемија да бидат безбедни од здравствен аспект и побара од граѓаните да ги почитуваат протоколите за заштита, а порачува и дека очекува сите политички партии да водат достоинствена кампања.

„Драги сограѓани, постапувајте според  протоколите за безбедност и заштита при одвивањето на севкупниот процес на избори. При гласањето бидете заштитени, почитувајќи ги мерките, протоколите и држете пропишано растојание. Апелирам до сите учесници во изборниот процес да придонесат овие избори да бидат фер, слободни и демократски, како што и се обврзаа со потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори. Очекувам сите политички партии да организираат кампања во која учеството ќе биде  безбедно за сите, и за кандидатите и за граѓаните. Очекувам од сите политички партии достоинствена кампања, со високо ниво на политичка култура, без дискредитации. Очекувам инклузивна кампања во која ќе учествуваат сите маргинализирани групи и малцинства, во која ќе биде застапуван и нивниот интерес“,

вели Пендаровски во изјавата.

Тој потенцира дека ова се први избори на земјата како членка на НАТО и во очекување на почетокот на пристапните преговори со ЕУ и затоа мора да бидат спроведени според високи стандарди и критериуми.

Од институциите кои се најповикани за спроведување на изборниот процес, пак, очекува професионално постапување во согласност со принципите на отвореност, еднаквост и непристрасност.

„Слободата на изразување е клучна за да имаме кредибилен изборен процес и граѓаните да добијат релевантни, навремени и вистинити информации со цел самостојно да донесат одлука кому ќе го дадат својот глас. Во услови кога имаме избори без поголеми собири и теренски активности, медиумите имаат уште позначајна улога и затоа е потребно непристрасно и професионално да ја информираат јавноста. Социјалните медиуми ќе бидат значајна алатка во изборната кампања, честопати и како извор на потпалувачки говор и лажни вести кои го поткопуваат демократскиот развој на отворените општества. Апелирам до граѓаните да бидат внимателни и редовно да ги проверуваат информациите кои се пласираат на социјалните медиуми од непознати извори“,

вели Пендаровски.

Тој на крајот посака успешни и фер избори, а граѓаните ги повика да излезат да гласаат по свое лично убедување без страв и притисоци.