Потпишан кодексот за фер и демократски избори, помалите партии бараат рамноправен пристап

0
72

Претставниците на 15 политички партии и коалиции денеска го ставија својот потпис на Кодексот за фер и демократски избори за претстојните предверемени парламентарни избори кои ќе се одржат на 15 јули.

Сите присутни го истакнаа здравјето и безбедноста на граѓаните во текот на кампањата и избирачкиот процес како врвен приоритет.

Најавија дека очекуваат фер кампања која ќе се спроведува поинаку поради епидемијата на коронавирусот.

Од опозицијата обвинија за поткуп на граѓаните.

Претставниците на помалите политички партии се незадоволни што датумот за избори го одредија две партии кои преговараа меѓусебно без да се консултираат со нив.

Побараа дел од владиниот финансиски колач а од медиумите порамноправно претствување.

Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, уверува дека изборниот процес ќе биде безбеден за граѓаните и за членовите на избирачките комисии.

Сепак ДИК сеуште го нема добиено протоколот од министерството за здравство по кој ќе се спроведуваат изборите ниту пак ги има одредено сите простории каде што ќе бидат сместени гласачките места.

Денешниот настан беше одржан во единствената сала во ДИК кој беше полна со претставници на политичките партии па новинарските екипи се повлекоа на терасата каде што земаа изјави.

Дерковски најави дека Комисијата технички се подготвува наредните седници да се следат онлајн и да се поставуваат прашања.

Пред прекинот на изборните дејствија во март, ДИК ги потврди листите на 15 коалиции и партии со 1.598 кандидати, а го утврди и изгледот на гласачкото ливче.