Починато 7-годишно дете донесено во Велешката болница

0
90

Вчера на пладне двајцата родители го донеле седумгодишното дете во Брзата помош во Велес. За време на прегледот докторите востановиле дека детето е без знаци на живот.

Детето е донесено без знаци на живот, видливи мртовечки дамки по телото и со подуеност на стомокот над ниво на граден кош. Веднаш е пристапено кон реанимација на детето со тоа што е обезбедена венска линија, аплициран е адреналин ампула по протоколот за реанимација на деца и пристапено кон срцево белодробно мозочно оживување, вели д-р Страхил Тодоров, портпарол на ЈЗУ Здравствен дом – Велес

Со целосна реанимација во Брзата помош и за време на транспортот детето е предадено на стручниот медицински тим во Велешката болница. Веднаш по приемот е вентилирано, интубирано и пристапено кон реанимација по сите протоколи, меѓутоа и покрај долготрајната реанимација не е востановена срцева акција и дишење.

Добиени се многу оскудни анамнестички податоци од фамилијата дека неколку дена претходно детето имало повраќање и течни столици било прегледано дента на матичен лекар, ординирана е терапија меѓутоа по враќањето дома состојбата се влошила и детето е донесено во нашата болница., вели д-р. Весна Николовска – Неделкова, портпарол на Велешката болница

Веднаш по наредба на Јавен обвинител телото на седумгодишното дете е испратено на обдукција во Институтот за судска медицина во Скопје.

Детето е донесено денеска и направена е обдукција и таа е завршена. Земени се дополнителни материјали за дополнителни испитувања кои ќе се прават кај нас микроскопски и токсиколошки за да се донесе дефинитивен заклучок за причината за смртта и околностите во кои настапила. Ќе мора да ни се достави плус и медицинска документација, вели доц. д-р Александар Станков, директор на Институт за судска медицина.

Според Станков потребен е одреден временски период за да се заврши случајот и да бидат познати причините за смртта на седумгодишното дете во Велес. Земен е и брис за Ковид 19.