Пресуда за „Рекет“: 9 години затвор за Боки, 7 за Јанева

0
81

Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева се прогласени за виновни во случајот „Рекет“. Јовановски доби затвор од 9 години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева 7 години за злоупотреба на службената положба и овластување.

Пресудата предмалку ја соопшти судечкиот совет на чело со судијката Васка Николовска-Максевка. Таа е првостепена, а странките имаат право на жалба до повисокиот суд – Апелација.

Истрагата за случајот „Рекет“ обвинителката Вилма Русковска ја отвори на 15 јули лани, кога беше уапсен и Јовановски, кој од тогаш се наоѓа во притвор во затворот во Шутка. Катица Јанева, пак, стана осомничена на 21 август 2019. Таа помина неколку месеци во Шутка, а од ноември минатата година се наоѓа во домашен притвор.

Русковска го поднесе обвинението во октомври лани, а судскиот процес започна на 3 декември 2019. Со Јовановски и Јанева на обвинителка клупа седеше и Зоран Милески-Кичеец, обвинет за примање награда за противзаконито влијание, но само на првото рочиште бидејќи призна вина и веќе наредниот ден (4 декември 2019) доби затворска казна од три години.

Судскиот процес понатаму продолжи со сведочењето на Орце Камчев и неговата сопруга Ана Камчева, од кои во обвинителниот акт се тврди дека земале 1,5 милион евра за бизнисменот да добие подобар третман во случајот „Империја“ каде е осомничен. Следеа и сведочења на други бизнисмени, соработници и блиски луѓе на Јовановски, обвинители на СЈО… И обвинителството и одбраната ги изведоа своите материјални докази, а на последните рочишта обвинителката, двајцата обвинети, Бојан Јовановски-Боки 13 и Катица Јанева, и нивните адвокати ги дадоа и свои завршни зборови. Јавноста, пак, немаше можност да го слушне сведочењето на Кичеец, кој често беше споменуван во текот на судењето, но не беше предложен за сведок.

И едната и другата страна во „Рекет“ тврдеа дека ги докажале своите тези. За Русковска немаше дилема дека парите завршиле кај Јовановски и дека тој влијаел врз Јанева која ја злоупотребила службената положба и му давала повластен третман на Камчев. Обвинетите, пак, сметаа дека го побиле обвинението за овој случај кој тврдеа дека е формиран со цел да се спаси бизнисменот од прогон за финансиски криминал.