„Рекет“: По Боки, денеска и Катица Јанева ќе ги даде завршните зборови

0
77

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева денеска во Основниот кривичен суд во Скопје заедно со нејзините адвокати ќе ги кажат своите завршни зборови за случајот „Рекет“ каде таа е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања.

По денешното рочиште, ќе остане да се закаже уште датум за изрекување на пресуда.

Првообвинетиот во „Рекет“, Бојан Јовановски – Боки 13 вчера ги даде неговите завршни зборови и рече дека ако се суди според доказите, кои обвинителството не ги презентирало, тогаш тие би требало да добијат ослободителна пресуда, а ако заиграат црвените телефони, рече тој, може да дојде и до драконски казни.

Боки во неговите завршни зборови ја спомена и Јанева велејќи дека е исклучително праведна и скромна, но рече и дека била уценета.

„Јас нема да зборувам во име на Катица, таа ако се одважи нека си каже. Таа е жртва на уцена, изманипулирана и искористена од политичари, но тоа е нејзин проблем, тоа ѝ го оставам на неа … А, јас врска со предметите на СЈО сум имал колку што ’Ролинг стоунс‘ може да отпеат песна од Гоце Арнаудов“,

рече Боки.

Завршните зборови на обвинителството, пак, Вилма Русковска ги кажа пред една недела на рочиште кое се одржа на 26 мај.

Судскиот процес пред првостепениот суд во Скопје започна на 3 декември лани. Со Боки и Јанева на обвинителна клупа тогаш седна и Зоран Милески-Кичеец за примање наградата за противзаконито влијание, но тој призна вина и веќе наредниот ден доби затворска казна од три години. Неговата пресуда сè уште не е правосилна бидејќи за тоа неа треба да се изјасни и Апелација до каде што тој заедно со својот адвокат има поднесено жалба за висината на казната.

Извор 360°