СДСМ и ДУИ „за“ избори на 5 јули – ВМРО-ДПМНЕ го нарекува „лудост“

0
125

И покрај тоа што овие три дена бројот на заразени со Ковид-19 е зголемен, претседателот на СДСМ, Зоран Заев продолжува со идејата да има што побрзо избори. Со оглед на тоа што вонредната состојбата се продолжи во саботата за уште две недели, сега најблискиот рок за избори е 5 јули, односно 22 дена по завршување.

Заев кој веќе е во предизборна коалиција со Движење Беса, рече дека изборите на 5 јули можат да се одржат со посебни протоколи за заштита на здравјето на гласачите. Исто така рече дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имале постојана комуникација, и иако биле многу блиску за компромис околу датумот, сепак на крајот не успеале да се договорат. Од партијата на Христијан Мицкоски ја нарекоа лудост желбата за избори во време на пандемија. Нивниот став е избори да има во август или почетокот на септември.

ДУИ се базира на две начела кога станува збор за датумот. Портпаролот на интегративците вели дека за нив здравјето е приоритет, а консензусот неопходен.

„Ако зборуваме за датуми, да, ставот е дека 5 јули е последен датум ако се одржат избори летово, но мислам дека овие две недели треба да се фокусираме на здравствената состојба, да ги следиме епидемиолошките трендови“, истакна Бујар Османи, Портпарол на ДУИ.

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи исто така е на мислење дека избори треба да има 22 дена по завршување на вонредната состојба.

„Искрено мислам дека треба да имаме избори, да се излезе од оваа ситуација. Особено нам Албанците многу ни се потребни избори бидејќи треба да ја отстраниме ДУИ од институциите“, вели Мендух Тачи, Лидер на ДПА.

Коалицијата АА – Алтернатива како датум за избори го предложија 26 јули, а пред неколку дена за ТВ21 лидерот на Алтернатива, Африм Гаши потврди дека коалицијата е подготвена да попушти со цел да се постигне потребниот консензус.

Извор Тв21