СДСМ: Нема законска можност за ново пролонгирање на изборите, ќе се гласа на 5 јули

0
67

Одлуката за тоа дали повторно ќе биде прогласена вонредна состојба зависи од тоа дали Владата ќе достави предлог, како и од проценката на Советот за безбедност, велат од претседателскиот кабинет

Владејачкиот СДСМ останува на ставот дека десеттите парламентарни избори, распишани како предвремени, треба да се одржат на 5 јули, односно 22 дена по завршување на вонредната состојба. Соговорници од партиското раководство велат за „360 степени“ дека веќе нема законска можност за понатамошно пролонгирање на изборниот процес.

„Одиме на избори на 5 јули. Нема ни законска основа за ново одложување на процесот“,

велат од врвот на СДСМ посочувајќи и дека нема причини за продолжување на вонредната состојба.

Од Владата, исто така, доаѓаат неофицијални најави дека можеби нема да се бара уште едно продолжување на вонредната состојба, со оглед на тоа што здравствената ситуација, како што велат оттаму, е под контрола, и покрај зголемувањето на бројот на заразени со ковид-19. Исто така, како што се посочува, имплементирани се повеќето економски мерки за надминување на последиците од корона-кризата.

Од кабинетот на Пендаровски, пак, велат за „360 степени“ дека одлуката дали да се продолжува вонредната состојба ќе зависи од проценките на Владата и на Советот за безбедност.

„Одлуката за тоа дали повторно ќе биде прогласена вонредна состојба зависи од тоа дали Владата ќе достави предлог, како и од проценката на Советот за безбедност,“

велат од претседателскиот кабинет.

Според информациите, во последните денови нема комуникација меѓу владејачките партии и опозицијата околу продолжување на прекинатиот изборен процес. Комуникацијата, велат од СДСМ, е прекината.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, и натаму се на ставот што го презентираше партискиот лидер Христијан Мицкоски, на последната лидерска средба, дека најсоодветен термин за избори е крајот на август или 13 септември. Првично, кога раководството на СДСМ најавуваше избори на 21 јуни, односно 22 дена по завршувањето на претходната вонредна состојба, од ВМРО-ДПМНЕ имаше најави и за можен бојкот.

Десеттите парламентарни избори требаше да се одржат на 12 април, согласно со одлуката за нивно распишување што ја потпиша спикерот Талат Џафери вечерта на 16 февруари, непосредно по распуштањето на парламентот. На почетокот на кризата со коронавирусот, политичките партии постигнаа согласност за прекинување на изборните дејствија на неодредено време, за што беше донесена Уредба на Владата, според која изборните дејствија, кои беа запрени два дена пред стартот на кампањата, ќе продолжат таму каде што застанаа, веднаш по завршувањето на вонредната состојба во земјава.

Извор 360°