СДСМ: Чулев повторно се става над законот, спротивно на систематизацијата ја унапредил сопругата на Чавков

0
92

Техничкиот министер за внатрешни работи од ВМРО-ДПМНЕ Наќе Чулев, повторно се става над законот, во обид за партизација на институциите и враќање на режимот, се наведува во соопштението на СДСМ.

Чулев, без распишан интерен оглас во министерството за внатрешни работи, ја унапредил сопругата на Митко Чавков на повисока позиција за три скалила погоре во МВР.

Ова е спротивно на систематизацијата и правилата за напредување во МВР, што сведочи за уште еден обид на Чулев, МВР да го претвори во ВМРО-МВРО.

Чулев не може да се одвои од режимската матрица на ВМРО-ДПМНЕ и го интересира само како да го заштити својот шеф Христијан Мицкоски и како да им помогне на своите партиски другари.

Времето на режимот заврши, времето кога МВР се раководеше од Белиот дворец заврши, а на Мицкоски и на Чулев треба да им е јасно дека секој во државата ќе одговара за неодговорно и незаконско постапување.

Граѓаните знаат дека Наќе Чулев со своето неодговорно однесување во време на коронакризата, кога реши да не ги казнува лицата што ги прекршуваат мерките за заштита и рестрикциите на движење, е еден од највиновите за растот на бројот на инфицираните лица и тоа нема да му го  простат.