Укината вонредната состојба во Унгарија , Орбан бара извинување

0
73

Унгарскиот парламент денеска ја укина контроверзната вонредна состојба против епидемијата на коронавирус, што му овозможи на премиерот Виктор Орбан да владее преку извршни декрети повеќе од два месецa.

Одлуката за укинување на вонредната состојба е донесена едногласно од 192 пратеници присутни во собранието, во која националното конзервативна партија на Орбан ,Фидес има големо мнозинство.

Со декрет од 30 март, на Орбан му беа дадени проширени овластувања додека траеше епидемијата на коронавирус. Владата е мета на критики од унгарската опозиција и многу европски лидери кои го обвинија Орбан за нанесување нови удари на веќе ослабената демократија. Опасноста од задржување на посебните овластувања на извршната власт за неодредено време беше оценета како сериозна.

Укинувањето на вонредната состојба е оптичка илузија, предупредуваат унгарските невладини организации за граѓански права. На седницата што се одржа денес, пратениците прифатија и текст кој, тврдат организациите, и овозможува на владата во иднина да прогласи „здравствена криза“ и да управува со донесување на извршни прописи.

Вонредната состојба беше „една од најдобрите одлуки донесени во последните десет години“, неодамна Орбан изрази задоволство, велејќи дека благодарение на проширените овластувања, владата успеа да „дејствува брзо и успешно против вирусот“. Премиерот смета дека оние кои тврдеа дека земјата се свртува кон авторитарното владеење, мора да се извинат.