Чулев го обвини Ковачевски за изнуда и поткуп, тој најави дека ќе го тужи за клевета

0
79

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев од Битола изјави дека е поднесена кривична пријава за поранешниот директор на РЕК Битола Васко Ковачески поради злоупотреба и изнуда.

Додека бил директор на РЕК Битола, Васко Ковачевски извршил изнуда и барал 250 илјади евра поткуп од фирма – обвини министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Тој тврди дека Ковачевски побарал фирма која добила тендер за ископ на јаловина да се откаже од спогодбата и работата да ја отстапи на друга фирма, која според Чулев, е блиска до владејачката СДСМ. Фирмата покренала спор против екс директорот на РЕК и случајот го пријавиле во полицијата.

,,Лицето кое го добило тендерот ја одбило изнудата при што од страна на директорот на РЕК му бил побаран поткуп во износ од 250 000 евра. Со оглед дека фирмата не се согласила ни да даде поткуп, ни да отстапи дел од договорот, се вршеле опструкции да не може да го исполни договорот, за на крај еднострано од РЕК да му биде раскинат договорот и активирана банкарската гаранција. )

Актуелниот директор на ЕСМ Ковачевски го демантира целиот случај. Му порача на Чулев да истражува за тендери во ЕЛЕМ кога директор беше опозицискиот претседател Мицкоски и најави дека за денешните обвинувања ќе поднесе кривична пријава.

,,Ги одбивам денешните негови обвинувања, не се точни. Помина времето на МВР-ВМРО кога се правеше хајка и се оцрнуваа неподобните за нив. Кога веќе Чулев сака да бара криминал му порачувам да се позанимава со времето на владеењето на Христијан Мицковски во АД ЕЛЕМ и да ги истражи тендерите за набавка и увоз на електрична енергија по екстремно високи цени и ангажманот на неговите пријатели за консултации како адвокати. За овие негови обвинувања ќе поднесам кривична пријава против него. )

Полицијата ги доставила доказите во обвинителството пред еден месец, а министерот за внатрешни работи упати повик да се истражи случајот, бидејќи според него, се работи за сериозно прекршување на кривичниот законик и нанесена штета на државниот буџет.