Јанева: Камчеви се дно, Рускоска ме мрази скриена зад циркуска маска а обвинението „го растуривме како баница“

0
121

Десет минути главно исполнети со лични квалификации и навреди кон сопружниците Камчеви и обвинителката Рускоска. Вака најдобро може да се опишат завршните зборови кои ги даде екс шефицата на СЈО, Катица Јанева на денешното, полседно рочиште на случајот „Рекет“.

„Не сум виновна. Грубо сум изманипулирана “, рече Јанева.

Таа го критикуваше судот што воопшто прифатил сопружниците камчеви да сведочат во процесот бидејќи според неа немаат никаков кредибилитет. Јанева додаде дека во текот на процесот се докажало дека Камчев сам се нудел да соработува и не успеал во планот да ја „купи“ нешто што му успеало кај многумина други.

„Девет месеци сум во притвор заради Орце Камчев. За недокажани пари. Ако беше шеќер на сликата ќе беше ли тоа кокаин?“ – праша Јанева.

За обвинителниот акт смета дека се темели на изјави а не на докази и дека во текот на процесот а особено во завршните зборови бил целосно срушен од одбраната.

Посебен дел во завршните зборови и посвети на обвинителката Вилма Рускоска, нејзините воведни зборови и паралелата со филмот „Чарлиевите ангели“ и ја нарече „малициозен критизер сокриен зад циркуска маска“.

„Не станува збор за анимозитет, туку за завист и омраза. Ама ако – нека пукне!“ – обвини Јанева.

Адвокатскиот тим на Јанева пак неколку часа ги даваше своите завршни зборови во кои детално го разглоби обвинителниот акт, доказите и изјавите на сведоците.

Се задржаа на според нив најслабите точки на обвинението.

Фактот што трагата на парите никогаш точно и прецизно не е утврдена, аудио и видео материјалите не се вештачени и анализирани со тоа не е потврдена нивната веродостојност што според нив е со оглед дека доаѓаат токму од сведокот Камчев кој можел да манипулира и да ги монтира

Во своите завршни зборови обвинетиот Бојан Јовановски кажа дека станува збор за монтиран процес од Орце Камчев а обвинителката Рускоска дека во целост е докажана вината на Јовановски и Јанева.

Со денешното рочиште финишираше процесот за еден од досега најголемите скандали во Македонија – случајот „Рекет“ а пресудата ќе биде соопштена на 18 овој месец.

Извор Телма