Јовески за МИА: Сите предмети на СЈО ќе добијат завршница

0
74

Денеска стапува на сила новиот Закон за јавно обвинителство

„Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница“, вели државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, во интервју за МИА, по повод стапувањето на сила на новиот Закон за јавно обвинителство.

Здравствената криза, како што вели Јовески, донесе застој во сите области на живеењето, па така и во работењето на правосудните органи, но истакнува дека обвинителите постапуваат во предметите и по нив ќе се донесуваат одлуки за кои јавноста благовремено ќе биде запознаена.

„Обвинителите континуирано постапуваат по сите предмети. Зависно од фазата во која беше преземен секој од предметите, се продолжи со дејствијата и постапките течат. Здравствената криза донесе застој во сите области на живеењето, па така и во работењето на правосудните органи, што беше наметнато од приоритетот да се обезбеди здравјето на сите лица инволвирани во постапките. Напомнувам дека обвинителите постапуваат во предметите и по нив ќе се донесуваат одлуки за кои јавноста благовремено ќе биде запознаена. Предметите на СЈО, Јавното обвинителство ги презема за да продолжат постапките и сторителите на кривични дела да ја добијат заслужената казна. Обвинителството нема да ја повтори грешката, кога заради непостапување по конкретните случаи се формира СЈО. Поради тоа, ве уверувам дека овие предмети ќе добијат завршница“,

вели Јовески.

И покрај тензиите со кои беше прослено неговото донесување во февруари, Јовески не очекува опструкции во неговата примена.

„Не гледам причина за тоа. Досега јавното обвинителство честопати беше мета на политички препукувања. Законот за јавно обвинителство, чија имплементација ја започнуваме, дава добра основа за јакнење на институцијата и професијата. Силно јавно обвинителство е потребно на нашето општество, на сите нас, на државата. Владеење на правото е темел на секоја демократија и еднаквост на граѓаните“,

вели Јовески во интервју за МИА.