12 МИГРАНТИ ШВЕРЦУВАНИ ВО АВТОМОБИЛ

Се обидел да прошверцува мигранти, но полицијата го уапси. Вака заврши авантурата на 45-годишен жител на кумановското село Лојане, откако утрово околу 3 часот, на автопатот Градско – Велес, во близина на клучката Велес – Штип – Скопје, полицијата го сопрела неговото возило.

По контролата, во „фолксваген шаран“, биле откриени 12 мигранти. Десетмина од нив биле од Авганистан, а двајца од Иран. Возачот е приведен и против него ќе биде поднесена пријава за криумчарење мигранти. Ова е само една, од речиси секојдневните акции на полицијата за сузбивање на шверцерските канали преку кои се пренесуваат мигрантите. Неретко, потерите завршуваат и со несреќи, како онаа која синоќа се случи кај Струмица.

Извори од полицијата велат дека криминалците често превезуваат мигранти со скапи и брзи автомобили, со кои успеваат да им избегаат на полицајците. Таков е и случајот со 25-те мигранти кај Пуста кула.

Познавачите на состојбите со шверц со мигранти велат дека овој нелегален бизнис е многу вносен за криминалците, во кој дневно се вртат стотици илјади евра. Непосредно пред почетокот на корона-кризата, се зголеми бројот на нелегални преминувања на земјава на мигранти од завојуваните земји на блискиот исток.

Пред три месеци, Телевизија 24 успеа да сними репортажа се десетина мигранти, кои пеш, по пругата Велес – Куманово, се обидуваа да стигнат до Србија, а понатаму до земјите од западна Европа.