101 новозаразени, 5 починати и 22 оздравени лица од КОВИД-19 изминатото деноноќие во Македонија

0
125

Нова трицифрена бројка на заразени со коронавирус, 22 -ца оздравени и пет смртни случаи изминатото денонокие во Македонија. Починатите се од Скопје, Куманово, Струга и Гостивар, на возраст од 40 до 80 години. Од направени 776 тестирања, 13 проценти односно 101 лице имале коронавирус. Повеќе од половината 57 се од Скопје, Тетово 19, Куманово 13.

Од вкупната бројка 5106, само оваа недела во земјава има 1053 новоинфицирани и дури 50 починати од компликации од Ковид-19.

Во моментот во државата има 2942 активни случаи, а на болничко лекување се 363 лица.

Поради исполнетиот капацитет на Инфективната клиника и во ГОБ 8 септрември од денеска активиран е и вториот Ковид центар сместен во детската болница Козле. Таму обезбедени се 70 кревети, а покрај деца ќе бидат примани и возрасни со полесна клиничка слика.

Утринава во Установата хоспитализирани се две деца на 1,5 и 5 годишна возраст позитивни на коронавирусот. Тие заедно со родителите македонски државјани денеска од Германија влегле на граничниот премин Табановце. Таткото и мајката биле негативни на тестовите направени во Ниш, но ќе одат во задолжителен двонеделен карантин.

Иако министерот за здравство најави дека до сабота јавно ќе бидат објавени имињата на околу 450 лица кои одбиле да ги примат решенијата за самоизолација истите се уште не се објавени. Од ДСЗИ под чија надлежност е ова велат дека се усогласува постапката со Дирекцијата за заштита на лични податоци дали и како тоа може да биде направено, а да не биде прекршен законот.

-Во моментов е усогласување на правната постапка. Кога законската регулатива ќе биде испочитувана до последна точка тогаш ќе почне објавувањето. Во овој момент не можам да кажам каде, кога и како затоа што тоа е со закон регулирано. Како законот кажува така ДСЗИ ќе се однесува, изјави за сител д-р Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ.

Во меѓувреме откако беше објавена информацијата за јавно објавување на имињата дел од овие граѓани почнале да се јавуваат во ДСЗИ и да си ги бараат решенијата за самоизолација најверојатно за да не биде соопштен нивниот идентитет.

На утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести се очекува да се разговара и за преминот на границите дали и во иднина ќе се бара тест и самоизолација или пак ќе биде без овие мерки.