
Властите во Велика Британија соопштија денеска дека привремено го суспендираат дневното објавување на најновите податоци за починатите од пандемијата на коронавирус во таа земја, поради сомневање дека овие статистики се претерани.
Имено, британската влада нареди ревизија на методологијата за пресметување на бројот на починати, бидејќи експертите предупредуваа дека, поради начинот на кој се чуваат записите за смртните случаи во Англија, сликата на тој статистички параметар може да биде искривена во споредба со другите делови на Велика Британија.
Привремената суспензија на објавување на податоци за бројот на починати владата ја образложи со соопштение во кое се посочува дека во починатите од КОВИД-19 по сегашната методологија се вбројуваат сите лица кои умираат по добивање на позитивен тест на коронавирус, а дека при тоа не се зема во обзир временскиот период, кој поминува од тестирањето со моментот на настанување на смртта.
Во соопштението се наведува дека секојдневното објавување на податоци за смртниот биланс на пандемија ќе продолжи кога ќе се реши овој проблем.
Ревизијата на начинот на водење на евиденцијата беше наредена вчера од страна на британскиот министер за здравство Мет Хенкок, по тврдењата на група експерти дека според сегашната методологија, дури и КОВИД-позитивите кои се успешно излечени „умираат после три месеци од срцев удар или се прегазени со автобус“ се неразумно класифицирани кај починати од КОВИД-19.
Според сегашните официјални податоци, КОВИД-19 однел повеќе од 45.000 животи во Велика Британија, што е повеќе отколку во која било друга земја во Европа, потсетува Ројтерс.