Косово воведе нови мерки за заштита од ковид-19

Од денеска ќе се затвораат канцелариите во кои има позитивни случаи, додека лицата што биле во контакт со заразени ќе се самоизолираат на 14 дена

Владата во Косово денеска усвои нови мерки за заштита од ширење на ковид-19.

Косовскиот министер за здравство Арменд Земај информира дека од денеска ќе се затвораат канцелариите во кои има позитивни случаи, додека лицата што биле во контакт со заразени ќе се самоизолираат на 14 дена.

„Контактите на заразените лица ќе се самоизолираат и ригорозно ќе се почитуваат заштитните мерки на Институтот за јавно здравство на Косово, додека санитарните и општинските инспекции ќе ги санкционираат случаите на непочитување на тие мерки“,

објави Земај.

Исто така, одлучено е да се редуцира бројот на вработените во администрацијата на работните места. Притоа се наложува задолжително носење маски и строга контролана влезовите во сите институции, како и во трговските и угостителските објекти. Мерките дозволуваат погребните церемонии да се вршат само во кругот на потесното семејство, а се планираат и дополнителни мерки во старските домови, формирање локални штабови во општините…

Во Косово, заклучно со последниот официјален извештај, досега се регистрирани 2 878 заразени од новиот коронавирус, од кои починале 51 лице. Активни носители на вирусот се 1 250 лица.

Македонскиот министер за здравство Венко Филипче денеска најави разговори со здравствените власти во Србија и во Косово околу ситуацијата со ковид-19, со оглед што бројот на заболени расте и во овие две земји од соседството.