Албанија ги затвора ноќните клубови и дискотеки, за непочитување на мерката казна од 25.000 евра

0
164

Поради се поголемиот број заразени од Ковид-19 во Албанија се затвораат ноќните клубови, дискотеки, лаунџ барови и секаков вид услужна дејност од оваа природа во затворено или на отворено, освен рестораните.

За оние кои нема да го почитуваат тоа предвидена е парична казна од три милиони леки или околу 25 илјади евра и едногодишна забрана за работа.

Во сите објекти од услужнта дејност, исто така, се забранува музика после 20 часот, а за непочитувачите предвидена е парична казна од милион леки и шест месечна забрана за вршење на дејноста.

Како што информираше Огерта Манастирлиу, министерка за здравство и социјална заштита, на денешната прес конференција,Владата ја донела оваа одлука по предлог на Националниот комитет на експерти, откако било оценето дека овие средини станале жаришта на Ковид-19.

-Како што ве информиравме секојдневно, Албанија продолжува да бележи раст на број на заболени од Ковид-19.Оваа состојба низ која минуваме бара строга примена на безбедносните правила и протоколи. Секоја небрежност или непочитување на мерките, влијае врз здравјето на сите. Вирусот не избира кого ќе погоди. Тоа влијае врз сите возрасти и се шири брзо, кога луѓето тоа го дозволуваат, изјави Манастирлиу на денешната прес конференција.

Таа додаде дека е констатирано оти по олеснувањето на мерките овие средини се претвориле во места за собирање на младите, каде што почитувањето на мерките и протоколите целосно се игнорирани, претворајќи ги во потенцијални жаришта на инфекција.

-Поради тоа Влада донесе одлука, од денес да го запре овој предизвик на поставените правила за спречување на пандемијата, за да се намали бројот на инфекции, да се заштити здравјето на граѓаните и животот на најслабите меѓу нас. Сме го кажале и нема да се умориме да го повториме: наш приоритет број еден е да го заштитиме животот на граѓаните. Имајќи го предвид само овој приоритет, ќе ги преземеме сите неопходни мерки,порача Манастирлиу.

Откако ги наведе последните,вчерашни, официјални бројки на 4.090 заразени, 2.311 оздравени,112 починати и 1.667 активни на болеста, со посебн акцент на растот на оние на кои им е неопходно болничко лекување, министерката, како што рече, ги замолува сите строго да ги почитуваат мерките и протоколите, до откривањето на вакцина за опасниот, невидлив непријател.