Апасиев: СДСМ во моментов купува 5 пратеници

0
163

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ излезе со тврдење дека СДСМ купува пет пратеници.

„Имам две ексклузивни информации. Во моментов додека зборуваме се прави обид за купување на пет пратеници од страна на СДСМ. Јас ги знам и по име и по презиме и по детали. Се подмитуваат со станови во Скопје, сумата се движи од 100 до 500.000 евра за да преминат во таборот и сето ова е недозволиво во еден систем кој претендира да биде европски“,

обвини Апасиев кој потоа додаде и дека на пратениците им се закануваат и со „швалерки, преземање бизниси“.

Втората ексклузивна информација, како што ја најави, е што тврди дека добива закани. Ова, според него, е вторпат во животот да добива закани по живот. Првиот пат бил додека бил советник во СЈО.

За заканите тој го впери прстот кон Агенцијата за разузнавање и кон лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„За втор пат, добив закани по живот за мене и за моето семејство бидејќи знаат дека не можат да ме поткупат и тоа доаѓа од две структури. Од структурата на Пендаровски преку Агенција за разузнавање со радикални елементи за кои ќе го документирам случајот и со мојот адвокатски тим. Чекам да стекнам пратенички имунитет, па да покренам процедура. Другата закана е директно од Заев преку еден негов пајташ во изборната едница 3 на кој јавно му порачувам дека не треба он да ме бара, туку само уште еден збор да ми прати или било што да ми се закани, не он да ме најде, јас ќе го најдам него за 24 часа. Кога нема систем да те штити, ти си должен да се самозаштитиш. Најодговорно кажувам дека мене ми се заканува и дека ова нема така да помине“,

рече Апасиев.

Во однос на разговорите за формирање влада, претседателот на Левица не верува дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ би го повикале на разговор за формирање влада, но ако тоа се случи, би разговарал.

„Мислам дека нема да нè викнат… Па, во политиката се разговара за сè и сешто, би разговараме ама што би се договориме тоа останува на нашиот президиум“,

вели Апасиев кој нагласи дека едно од нивните барања ќе биде да има една изборна единица.

Анализирајќи ги можните сценарија за влада, тој вели дека хипотетички има 3 реални остварливи опции за новата влада. Првата ја нарече мафијашка и неа би ја сочинувале досегашните партнери, СДСМ и ДУИ.

„Најголемата килавост во таа влада е прашалникот на Беса бидејќи според мои сознанија еден од клучните столбови на Беса е да ја нема ДУИ. И сега Беса ризикува да испари како политички премиер“,

вели Апасиев.

Второто сценарио, според него, е влада која би ја формирала ВМРО-ДПМНЕ и сите останати албански партии освен ДУИ. Во тоа мнозинство би влегла и Беса. Оваа влада, Апасиев ја нарекува антикорупциска.

„Целта би била спроведување попис, разголување криминали на ДУИ и СДСМ…“,

смета претседателот на Левица.

Трета опција која е на маса и во игра, рече тој, е т.н. скопска платформа како пандан на тиранската во која би биле ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

„Мислам дека треба да се воспостави македонска или скопска платформа која во 4 точки ќе каже ова се нашите црвени линии“,

вели Апасиев и додава дека таа би функционирала една година односно до локалните избори догодина кога заедно би се одржале и предвремени парламентарни избори.

Левица, рече Апасиев, единствено би дала делумна поддршка на „антикорупциската“ влада. Но, вели тој, сега не се толку моќни.

„Левица фаќа сеир во приказнава, не сме моќни, да имавме 15 ќе бевме многу помоќни“,

рече Апасиев.

Извор 360°