БЕСА не потврдила дека ја напушта коалицијата со СДСМ

0
228

Пишува Жаклина Цветковска

Рецензираме текст со тенденциозен наслов „БЕСА го извиси СДСМ-ќе излезат од Коалицијата „Можеме“?!“, објавен на порталот magazin.mk, во кој се изнесени шпекулации за можно растурање на коалицијата на БЕСА и СДСМ, без да бидат поткрепени со релевантни докази од официјални лица.

Текстот во целост е преземен од порталот infomax.mk, само со изменет наслов, за да се засили впечатокот за можни поместувања на политичката сцена, во период на формирање на нова влада, и да се наштети на одредена политичка коалиција.

Во првиот пасус, авторот тврди дека БЕСА ќе дејствува независно во парламентот, а како извор се наведени „официјални претставници од партијата“. Веднаш во продолжение се прашува „Дали оваа најава на коалициониот партнер на Заев значи дека пратениците на БЕСА ќе ја напуштат коалицијата со СДСМ“. Со ова, авторот самиот го негира сопственото тврдење изнесено во насловот дека „БЕСА го извисила СДСМ“, а со поставување на прашање за идното функционирање на предизборната коалиција потврдува дека и тој не е сигурен во тоа што го наведува.

Во текстот никаде нема изјава дека БЕСА ја напушта коалицијата „Можеме“ и дека ќе дејствува спротивно на коалициониот партнер, туку напротив, дека сè уште се во фаза на коалиција и дека е рано да се нагаѓаат идните чекори.

Пратениците на Движењето БЕСА ќе функционираат како пратеници на Движењето БЕСА како и другите партии, но не се исклучува можноста во иднина да се формира и пратеничка група, стои во дел од изјавата на партијата што ја пренесува порталот.

Пратеничкото дејствување е основно право на секој пратеник, кој ги изнесува своите ставови и мислења, а групирањето на пратениците во пратенички групи единствено значи заедничко претставување на партиските определби и своите партии. Претставниците на политичките партии можат да настапуваат самостојно или пак да формираат и пратеничка група, но прашање на договор е дали ќе дејствуваат како дел од парламентарното мнозинство или ќе бидат парламентарна опозиција. Како ќе настапува БЕСА ќе се знае откако ќе се добие официјална потврда од партијата.

Но, авторот предвреме манипулира со површни прогнози и погрешно ја информира јавноста во процесот на формирање на новиот парламентарен состав и во период кога сè уште не е завршена целокупната изборна постапка од страна на ДИК.

Новинарот треба да информира врз основа на информации кои се точни и проверени, а не да коментира и изнесува сопствени заклучоци во информативните новинарски жанрови. Особено мора да биде внимателен во известувањето за политичките процеси, како што е наведено во членот 14 од Кодексот на новинарите.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.