БОКИ 13 ПОДНЕСЕ ПРИЈАВИ ЗА НАЈМАЛКУ 30 ЛИЦА

0
87

Најмалку 30 луѓе ќе бидат предмет на предистражни дејствија на скопското јавно обвинителство откако Бојан Јовановски денеска продолжи да ги образлага наводите од кривичните пријави што почна да ги поднесува минатата недела.

Неговиот адвокат Сашко Дуковски не кажува против кои луѓе Јовановски поднесува кривични пријави но неофицијално, станува збор за актуелни и поранешни функционери, но и бизнисмени. Пријавите се однесуваат на кривичните дела измама, изнуда, злоупотреба на службена положба, давање на лажен исказ, противзаконито влијание, но и за несовесно лекување и нехуман и нечовечки однос.

Поради сериозноста на наводите што ги изнесувал пред обвинителот, Јовановски бара вклучување на најрелевантните меѓународни институции за заштита на човековите права и странските амбасади во Македонија.

Дуковски кажа дека се поднесуваат и кривични пријави за кршење на човековите права на Јовановски, за нехумано и нечовечко однесување, за луѓе кои не биле директно вклучени во судските постапки „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“.

Бојан Јовановски неодамна беше осуден на девет години затвор во случајот „Рекет“ а завчера почна и судењето за случајот „Меѓународен сојуз“ во кој Јовановски е еден од обвинетите. Обвинет е за перење пари и измама.