Воведен полициски час во Мајами , во седум американски држави има рекорден раст на бројот на заболени

0
130

Алабама и шест други американски држави забележаа рекордно зголемување на бројот на случаи на коронавирус, додека најнаселената област на Флорида воведе полициски час во пресрет на Денот на независноста.

Северна Каролина, Јужна Каролина, Тенеси, Алјаска, Мисури, Ајдахо и Алабама забележаа ново големо дневно зголемување на бројот на случаи со ковида-19.

Тексас постави нов рекорд во хоспитализациите, а доктор повика на „целосно затворање“ на државата за да се стави вирусот под контрола.

Дневниот број на случаи во САД изнесуваше 53.483 доцна синоќа, со рекордни 55.405 претходниот ден.

Најновиот пораст на бројот на пациенти, претежно во јужните и западните држави, ги загрижи претставниците на јавното здравство, кои повикаа на претпазливост пред Денот на независноста.

Северна Каролина регистрира 951 хоспитализации и 2.099 заразени вчера, што е рекордно високо ниво.

Бил Сафо, градоначалник на Вилмингтон, Северна Каролина, рече дека голем број случаи на заразување се поврзани со големи собири и предвидува понатамошен скок по празничниот викенд, бидејќи луѓето не ги следат упатствата за социјално растојание и носење маски.

„Знаеме дека ќе се шири. Знаеме дека ќе видиме скок од викендот на 4 јули за околу две недели“, рече Сафо за Си-Ен-Ен.

И покрај скокот на бројот на заразени, просечната дневна бројка на смртни случаи од ефектите на ковид-19 во САД се намалува во последните неколку недели, како одраз на пораст на позитивните тестови кај помладите, поздрави луѓе со помал фатален исход.

Случаите со коронавирус се зголемуваат во 37 од 50 држави на САД, вклучувајќи ја и Флорида, каде што вчера имало 9.488 новоинфицирани, соопшти Министерството за здравство на државата. Еден ден пред тоа, забележа рекордни 10.109 случаи.

Градоначалникот на округот Мајами, Карлос Хименез вчера воведе ноќен полициски час на неодредено време и го запре повторното отворање на казината и стрип-клубовите и другите места за забава. Претходно оваа недела, Мајами и соседниот округот Броуард, двата најнаселени округа во државата, ги замолија граѓаните да носат маски во јавност.

Гувернерот на Арканзас, Аса Хачинсон, вчера ги овласти градовите да изгласаат наредби за носење маски, доколку решат да го сторат тоа, што го прави последниот републиканец што се предаде по притисок поради ова прашање.

Овој потег се случи еден ден откако гувернерот на Тексас, Грег Абот, нареди маски да се носат на повеќето јавни места, менувајќи ги ставовите по загрижувачки пораст на бројот на заразени во државата, каде што вчера се забележани голем број хоспитализации – 7.652.

Д-р Овис Дурани од универзитетската болница во Сан Антонио изјави дека скоро сите пациенти кои доаѓаат во ургентната единица се позитивни на ковид-19, дури и оние кои се примени од други, неповрзани причини, како што е инфекција на жолчното кесе.

„Ние, според мое мислење, треба да се затвориме целосно и тогаш ќе продолжиме да забележуваме зголемување на сите тие бројки за две или три недели, а после тоа може да дојде до подобрување“, рече тој.