Дезинформација е дека ФЗО не ги исплаќа надоместоците за боледување и породилно отсуство

0
251

Пишува: Убавка Јаневска

Рецензираме текст со наслов „Власта си тераше кампања а граѓаните оставени без надоместок за боледување и породилно“ објавен на Курир на 17 јули, годинава. Преку пренесување изјави на анонимни граѓани од социјални мрежи кои биле „бесни и очајни затоа што нивните законски надоместоци доцнат и неизвесно е кога ќе ги добијат“, порталот открива дека ниту исконтактирал ниту истражувал на темата. Но, во текстот коментира:

Владата на СДСМ очигледно толку навлезе во кампањата за изборите и ги ангажираше своите партијци во институциите на ова поле, што тотално заборави на граѓаните.

Ваквиот пристап е спротивен на член 1 и член 13 на Кодексот на новинарите кои го обврзуваат авторот да објавува точни и проверени информации како и да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.

Рецензираниот текст некритички пренесува наводни и вулгарни реакции на социјалните мрежи, и не содржи информации на втората страна. Во конкретниот случај нема став од Министерството за труд и социјална политика од чиј буџет се префрлаат финансиските средства на Фондот за здравствено осигурување за вршење на исплатата на надоместоците на граѓаните.

Дезинформацијата се состои во тоа што посочениот текст Курир не ги содржи информациите на динамиката на исплатата на боледувањата која секој месец е иста, веќе од 2008 година додека од 2011 година, таа е електронска преку системот на ФЗО. Системот прво ги прибира податоците од фирмите за исплата на месечната плата на вработените и потоа од денот на отворено боледување на работникот го пресметува делот што тој треба да го добие како осигуреник од државата. Тоа значи дека фирмата прво треба да исплати плата. Системот како најчести пикови ги регистрира деновите 10, 15 или 20 во тековниот месец. Тоа се датуми на земена плата на осигурениците за претходниот месец кои генерираат податоци што овозможуваат да се пресметаат боледувањата и да се исплатат. Оваа востановена динамика на исплата се однесува и на надоместоците за породилните отсуства и надоместоците за продолжените породилни отсуства, рече Миле Сугарев, директорот на Фондот за здравствено осигурување, за Вистиномер.

Во допис како одговор на новинарско прашање за Вистиномер.мк од ФЗО пишува дека во услови на епидемијата со корона вирус заклучно со месец мај, годинава, без варијации и во целост се исплатени надоместоците за породилно боледување како и надоместокот за продолжено породилно боледување.

Во месец јуни се изработени и исплатени 8681 надоместоци за породилни боледувања, додека во текот на месец јули, до 21 јули 2020 година, се процесуирани и исплатени 4790 надоместоци. Остатокот за јули се исплаќа секојдневно и до средина на наредната недела ќе бидат исплатени на нашите осигуреници. Оваа динамика на плаќање е востановена пракса која се применува секој месец. За продолжено породилно отсуство во месец јуни се исплатени 3644 надоместоци додека во месец јули 4741 надоместоци се процесуирани, изработени, одобрени и веќе се исплаќаат. До средината на наредната недела средствата ќе бидат легнати на сметките на осигурениците.

Од Министерството за труд и социјална политика се децидни дека сите трансфери кон Фондот за здравствено осигурување тековно се исплаќаат, околу 20 –ти во месецот, по добиени фактури. Министерството соопшти дека во изминатиот период немало, но и дека ќе нема доцнење на исплатата на кое било право или надоместок затоа што во буџетот има средства за нивна исплата.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.