До 12 часот само два приговори до ДИК

0
125

Досега се поднесени два приговори до ДИК од партијата „Демократи„ на Јорго Огненовски. Рокот за приговори за постапката на гласање завршува вечерва во 21 часот, додека за сумирањето и утврдувањето на резултатите партиите можат да се жалат до утре во 19 часот и 30 минути. Роковите почнаа да течат синоќа кога беа објавени неофицијалните конечни резултати.

Од ДИК вчера со задоцнување ги објавија неофицијалните конечни резултати од изборите поради, како што изјави претседателот, хакерски напад на веб-страницата на Комисијата.

Комисијата има рок од 72 часа да одлучи по приговорите. Против нивната одлука може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, е должен да донесе одлука по жалбата во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Приговор до ДИК може да поднесе и секој избирач кому му е повредено избирачкото право при гласањето.

ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, да го поништи гласањето на гласачко место. Повторното гласање се одржува 14 дена од денот на првото гласање.Но, доколку не влијае на конечниот резултат, не се прегласува.

Дел од партиите учесници на изборите се пожалија на нерегуларности и грешки во сумирањето на резултатите и најавија дека ќе поднесат приговори до ДИК и другите надлежни институции.

Од Социјалдемократскиот сојуз соопштија дека во податоците презентирани од страна на ДИК се забележани сериозни недостатоци и грешки кои може да дадат неточна слика за конечниот резултат. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера најави дека правна комисија на партијата работи на евентуални приговори.

Претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, изрази длабока загриженост и негодување за, како што вели, сомнителни резултати на многу избирачки места. Пријавил десетици вакви случаи до релевантни тела и до релевантни меѓународни институции, а најави и приговори.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев рече дека партијата е оштетена за минимум 10 илјади гласа и дека им се украдени, како што рече, тројца пратеници, во изборните единици 1, 2 и 4.Според нивнмиот аналитички центар, електонските записници не кореспондираат со хартиените записници. Најави приговори, но и кривични пријави против членовите на ДИК. Приговори најавија и од Интегра.

Извор Телма