Лажна вест за Дино паркот искористена за предизборен напад на Шилегов

0
198

Во екот на изборната кампања, на само четири дена пред одржувањето на изборите, во дел од опозициски настроените медиуми одекна текст со бомбастичен наслов: „Ова е „Дино паркот“ за кој ШИЛЕГОВ ПОТРОШИ 350.000 ЕВРА!“. Со ваквиот напис директно се атакуваше врз скопскиот градоначалник Петре Шилегов, иако веста беше лажна.

Пишува: Ана Анастасовска

Овие портали, фактички пренесоа Фејсбук-статус од извесен Стефан Кирков, кој на Шилегов му порачува:

Трет ден по ред ги обелоденувам твоите матни зделки од криминален карактер и сето тоа преку Зоолошка градина Скопје и твојот директор Галетановски.

Kирков открива дека Шилегов склучил набавка вредна 350.000 евра во месец јануари за изградба и аквизити на Дино парк.

Сега покрај фоткиве да ви објаснам што е Дино паркот… Значи НЕМА изградба туку на територијата на ЗОО во еден дел има поставено метални диносауруси вредни 350.000 евра!, пренесе Република.

Во прилог на ваквото тврдење на Кирков е објавена и оваа фотографија.

Но, фотографијата и тврдењето на Кирков кои го пренесоа овие портали се искористени за манипулација на јавноста и политички атак врз градоначалникот на Скопје, Шилегов. На фотографијата е прикажана скулптура на диносаурус, изработена од рециклиран отпад и таа воопшто не е дел од Дино паркот кој беше најавен дека ќе се гради. За донацијата на овие скулптури, ЗОО – Скопје информираше уште во февруари минатата година.

Пристигна првиот од трите диносауруси, скулптури на уметникот Андреј Миневски, кои се изработени од рециклиран отпад, железо. Андреј се приклучи во кампањата “Креирај и донирај”, а неговите уметнички дела посетителите ќе може да ги видат до јуни. Голема благодарност до господинот Миневски и до ЈП Водовод и канализација Скопје кои ги пренесуваат диносаурусите и несебично секогаш помагаат на Зоо Скопје, информираа оттаму, пренесе Фокус.

Дека станува збор за лага и манипулација, потврдија и од Зоолошката градина кои реагираа на својот официјален Фејсбук профил:

Вчера на неколку места осамнаа текстови во кои се пласираа лажни вести за новиот Дино Парк. Беа злоупотребени фотографии од креативните дино фигури изработени од старо отпадно и рециклирано железо, кои уметникот Андреј Миновски ги изложи лани во Скопје ЗОО. Голема благодарност до него за овој еко проект кој заедно го промовиравме во градината.

Во прилог- видео како ќе изгледа новиот Дино Парк кој веќе е во завршна фаза. Очекуваме наскоро да пристигнат и 41 диносаурус во природна големина, фигури кои ќе бидат поставени на површина од 2000 м2, а паркот благодарение на поддршката од Град Скопје ќе биде еден од најубавите во регионот, но и со најголем број на дино фигури.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери