Најмалку четворица загинати и десетици повредени во големата експлозија во Турција (ВИДЕО)

0
143

Најмалку четири лица загинаа, а 97 се повредени во неколку големи експлозии во фабрика за пиротехника во северозападна Турција, изјави министерот за здравство Фахретин Коца.

Можно е неколку лица се уште да се заглавени внатре, рече Коца, без да го каже нивниот број.

Во фабриката имало вкупно 186 вработени, додека 20 не се појавиле на работа. Се верува дека работниците ја напуштиле фабричката зона по пожарот, изјави Коца пред новинарите недалеку од локацијата на фабриката во Сакарија, источно од Истанбул.

Властите се обидуваат да ги најдат сите што биле внатре во фабриката, додаде тој.

Два хеликоптери и авион се приклучија во гаснењето на пожарот, рече Коца, предупредувајќи ги жителите од областа да носат маски и да останат дома за да го намалат ризикот од вдишување на токсичен чад.

Покрената е истрага за утврдување на причината за несреќата.

Фабриката е најголема од ваков вид во Турција и има 110 тони експлозив во нејзините складови, изјави претходно гувернерот на Сакарија, Цетин Октај Калдирим.

Експлозиите се слушнале на оддалеченост од 30 километри, изјави гувернерот.

Станбените области се оддалечени само три километри од фабриката.

Три големи експлозии избувнале околу 10 часот утрово, јави државната телевизија ТРТ.