На Панчевски ќе му се суди во Судот во Велес

0
134

Судот во Велес е надлежен да му суди на Владимир Панчевски. Скопска Апелација го отфрли неговото барање за изземање и на судот и на претседателката на судот. Со два часа доцнење бидејќи се чекаше оваа одлука, денеска продолжи судењето. Се сослушаа уште четири сведоци, службеници во скопскиот Кривичен суд. И денеска како и на претходните две судења, адвокатите на Панчевски побараа тој да излезе од притвор и да продолжи да се брани од слобода.

Во судница покажаа документ од Агенцијата за вработување, со кој тврдат дека Панчевски се уште е во работен однос а тоа значи дека како судија има имунитет. Но претходно одлуката за негово разрешување која ја донесе Судскиот совет ја потврди и Врховниот суд.

Вчера како сведоци во велешкиот суд, се појавија и поранешниот в.д. претседател на Кривичен, Стојанче Рибарев и актуелниот шеф на скопска единица Иван Џолев. Објаснуваа како оди процесот на распределба на предмети во судот. Владимир Панчевски е обвинет дека додека бил шеф на Кривичен наместо електронски преку АКМИС системот, дел од случаите ги делел рачно кај судии за кој сметал дека му се од доверба. На ваков начин поделил околу 40 предмети. Меѓу нив се и два случаи на Специјалното јавно обвинителство. Панчевски е обвинет за Злоупотреба на службената положба. Екс претседателот на Кривичен е во притвор од 15 јули, кога сам се пријави во истражниот затвор Шутка, откако три дена не беше достапен. Судењето продолжува идниот вторник. Предвидени се уште двајца сведоци и еден вештак.