Претседателот Пендаровски му посака успех на амбасадорот Елиадес

0
82

 

Предавање на акредитивните писма од страна на новоименуваниот амбасадор на Република Кипар за Република Македонија .

Претседателот Стево Пендаровски денеска одржа разговор преку видео-врска со Константинос Елиадес, новоименуван амбасадор на Република Кипар за Република Македонија, со седиште во Белград.

Поради пандемијата на КОВИД-19, амбасадорот Елиадес, како нерезидентен амбасадор, наместо на протоколарна церемонија, акредитивните писма ги предаде по писмен пат.

Честитајќи му за назначувањето на функцијата, претседателот Пендаровски му посака успех во работата на амбасадорот Елиадес, кој е прв кипарски амбасадор акредитиран во Република Македонија, по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави во август 2019 година.

За време на разговорот, претседателот Пендаровски нагласи дека Република Македонија е подготвена за развој на пријателски односи со Република Кипар, на политички, економски, трговски план, како и во други сфери од заемен интерес. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека воспоставувањето на дипломатско претставување меѓу двете држави на ниво на амбасадори ќе биде силен поттик во таа насока.

Во контекст на стратешките аспирации на земјата, претседателот Пендаровски го истакна очекувањето за скорешно формално отпочнување на пристапните преговори на земјата за членство во Европската Унија, со одржување на првата меѓувладина конференција. Во таа насока, претседателот Пендаровски го истакна уверувањето за реафирмирање на поддршката од кипарска страна.

Во текот на разговорот беа разменети мислења во контекст на стратешките аспирации на Република Македонија за членство во ЕУ, актуелната состојба со пандемијата на КОВИД-19 во двете држави, како и за справувањето со последиците на здравствен, еконономски и на социјален план.

Претседателот Пендаровски му посака успех на амбасадорот Елиадес во извршувањето на одговорната функција, стои во соопштението од кабинетот на Претседателот Пендаровски.

Izvor Kanal5