Со пишување на табла, Боки ги започна воведните зборови, но не ги заврши бидејќи му се слоши на татко му

0
178

Бојан Јовановски-Боки 13, кој е првообвинет во случајот „Меѓународен сојуз“, не можеше да ги даде своите воведни зборови бидејќи, по 10-ина минути откако започна, на неговиот татко, Миле Јовановски, му се слоши во судницата во Основниот кривичен суд во Скопје.

Претходно, тој исто така не се чувствуваше добро, па на паузата дојде и Брза помош да го прегледа.

Во краткото излагање, Боки не стигна да зборува за предметот на обвинение, односно за бизнисмените Силјан Мицевски и Адриан Амзоски, за кои обвинителството тврди дека биле измамени и им биле земени пари за наводен проект за Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис.

Тој застана на пунктот за сведоци со табла до него ги започна воведните зборови. Со црн и црвен маркер почна да ги пишува на таблата клучните моменти за него, за работата на „Меѓународниот сојуз“. Кажа кога бил формиран, зборуваше за првите активности што ги имале, за средбите со функционери и за изборот на Фросина Ременски за почесен претседател, како и за изборот на почесни членови.

Тука, поради лошата состојба на татко му, судијката Софче Гаврилова-Ефремова го прекина рочиштето и го закажа следното за в четврток, кога Јовановски треба да продолжи со воведните зборови. Тогаш се очекува да зборуваат и Фросина Ременски и Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ со своите адвокати. Таткото и асистенката на Боки, Миле Јовановски и Христина Блажевска, пак, според најавите од адвокатот Дукоски, нема да дадат воведни зборови.

Водејќи го под рака, обвинетата Блажевска и уште едно лице го изведоа Миле Јовановски од судската зграда, а тука настана и расправија на дел од новинарските екипи со адвокатот, кој реагираше зошто го снимаат обвинетиот во моменти кога не се чувствува добро.

На денешното рочиште, како што информиравме, воведни зборови дадоа обвинителката Вилма Русковска и адвокатот Дукоски.

Извор 360°