Управен суд: Досега се поднесени 76 тужби од две политички партии

0
105

Тужби до Управниот суд по решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за отфрлање на приговорите за предвремените парламентарни избори, досега поднеле само Интегра и коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива (АА/А). Интегра има поднесено една тужба, останатите 75 се потпишани од АА/А, а Управниот суд треба да ги разгледа на јавна седница во рок од 60 часа од нивниот прием.

Левица и ВМРО-ДПМНЕ, исто така, најавија дека ќе поднесат тужби до Управен суд по решенијата од ДИК за отрфлање на приговорите за изборни нерегуларности. Рокот за поднесување тужби до Управниот суд е 24 часа откако политичките партии ќе ги добијат решенијата од ДИК.

Портпаролот на ДИК, Адмир Шабани вчера информираше дека решенијата од Комисијата за отфрлање или одбивање на приговорите до 14 часот ги подигнале претставници на АА/А, на Интегра, на МОРО, на Демократи и на Левица, појаснувајќи дека доколку некоја од партиите не ги подигне решенијата, ДИК им ги испраќа по електронска пошта. Пет часа од испраќањето, посочуваат од ДИК, се смета дека решенијата им се уредно доставени на партиите.

По одлуката на Управниот суд и добивањето на евентуалните одлуки од Уставниот судот, за заштитата на избирачкото право, во ДИК, согласно законот, Комисијата ќе ги објави официјалните конечни резултати од предвремените парламентарни избори. Потоа ДИК ќе издаде уверенија на избраните пратеници. Крајот рок за одржување на конститутивната седница на Собранието е 4 август.