Итрата лисица Мило Ѓукаковиќ веќе нема скриени карти во ракавите?

Црна Гора е на раб на промена на власта врз основа на резултатот од парламентарните избори во неделата каде Демократската партија на социјалистите, предводена од претседателот Мило Ѓукановиќ, освои 35,12 проценти од гласовите, но не доволно за формирање влада. Про-српските и анти-НАТО опозициски партии освоија мнозинство гласови и можат да формираат влада ако продолжат да соработуваат по изборите. Клучот за владата ќе биде партијата „Црно на бело“, која обезбеди 5,57 проценти од гласовите. Оваа партија е предводена од Дритан Абазовиќ, Албанец од Улцињ, кој обезбеди многу гласови од Црногорците поради противење на политиките на Ѓукановиќ, но кој од друга страна, ја поддржува европската ориентација на оваа земја. Опозициската коалиција „За иднината на Црна Гора“ обезбеди 32,54 проценти од гласовите, додека коалицијата „Мирот е наша нација“ обезбеди 12,55 проценти. Застапеност со два мандати обезбеди и Албанската листа, која сè уште нема јасен став дали сака или не сака да биде дел од опозициската коалиција поради антиалбанската политика. Црногорското Собрание има 81 место и потребни се 41 глас за обезбедување на власта. Се верува дека Ѓукановиќ има обезбедено 40 места, додека опозицијата 41.

Мило Ѓукановиќ е на власт во Црна Гора 30 години, но, според западните агенции, оваа година партијата беше силно предизвикана од десницата, поддржана од просрпскиот табор, која сака поблиски врски со Белград и Москва. Лошиот резултат на Ѓукановиќ се припишува на судирите со Српската православна црква, кои со месеци доминираат во политичката дебата во земјата. Ѓукановиќ рече дека ќе ги чека конечните резултати. Европската унија верува дека Црна Гора ќе продолжи по патот на европската интеграција, која ужива поддршка од граѓаните, но во моментов не сака да ги коментира резултатите. Европската унија ќе излезе со свој став за изборите откако ќе биде објавен извештајот на набљудувачите од ОДИХР.