Каталонците и Баварците рутински – познати сите четвртфиналисти во ЛШ

0
193

Барселона и Баерн Минхен без проблеми ја завршија работата во заостанатите мечеви од осминафиналето на Лигата на шампионите, забележувајќи победи за да закажат пресметка во четврт-финалето на елитното европско натпреварување.

Барселона дома го пречека Наполи по гостинските 1:1 во Италија, и ги реши сите дилеми уште во првото полувреме од мечот. Клемен Ленгле уште во 10. минута со убав гол со глава го отвори резултатот, а Лео Меси уште еднаш покажа дека е „магионичар“ кога во 23. минута и покрај тоа што беше соборен на земја, успеа да стане и да зголеми на 2:0.

До крајот на полувремето, паднаа уште два гола од пенал, откако прво во 45. минута, Луис Суарез зголеми на 3:0, пред капитенот Лоренцо Инсиње, исто така од белата точка да намали на 3:1.

Во Минхен, пак, Баерн го пречека Челси, кого успеа да го победи со 3:0 на првиот меч во Лондон, и исто така ја поништи цела неизвесност во првото полувреме. Роберт Левандовски во 10. минута од пенал донесе 1:0 водство, пред Иван Перишиќ во 24. минута да зголеми на 2:0. Челси прво имаше поништен гол поради офсајд, а потоа преку Теми Абрахам во 44. минута намали на 2:1.

Корентин Толисо, само што влезе во игра во 76. минута зголеми на 3:1, пред Левандовски да го запечати триумфот во 84. минута.

ОСМИНАФИНАЛЕ, 2.МЕЧ

Барселона – Наполи 3:1, прв меч 1:1, вкупно 4:2

Баерн Минхен – Челси 4:1, прв меч 3:0, вкупно 7:1

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

РБ Лајпциг – Атлетико Мадрид

Аталанта – Пари Сен-Жермен

Манчестер сити – Лион

Барселона – Баерн Минхен