Пендаровски: Ако Заев го врати мандатот, Мицкоски ќе дојде да го бара и со замрзнати односи

0
227

Претседателот на државата Стево Пендаровски на денешната прес конференција, по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, истакна дека не му побарал на Заев гаранција за обезбедено мнозинство, пренесе ТВ21.

„Не му барав на Заев, но доколку го врати мандатот, нема гаранции да му барам ниту на Мицкоски за обезбедено мнозинство“, порача Пендаровски.

Тој додаде дека доколку се врати мандатот од страна на Заев, Мицкоски ќе дојде кај него за доделување на мандатот, иако му се замрзнати односите.

Пендаровски рече дека според член 90 од Уставот, со верификацијата на мандатите почнува броењето на десет дена претседателот да го даде мандатот и наведе дека така било и во 2006 година и во 2016 година. Пендаровски како аргумент зошто му го додели мандатот на Заев рече дека вчера единствено тој од партиските лидери му се јавил и му кажал дека е на добар пат да обезбеди мнозинство.

-Најмногу прашања беа дали и на кој начин тој ме увери дека има мнозинство. До овој момент 61 пратеник нема ниту една партија, но Заев се јави вчера и рече дека во преговорите со партиите тој е на добар пат да обезбеди мнозинство. До денес ниту една партијата не се јави, а мене роковите ми течат. Не можам да го земам мандатот и да го чувам во фиока, должен сум да го дадам мандатот. Немам намера мандатот да го носам дома и да нема институции кои ќе се формираат, рече Пендаровски.

Потоа било отворено прашањето зошто Пендаровски не барал гаранции, а неговото образложение е дека ниту еден претседател од Киро Глигоров досега, никој не барал матични броеви, нотарски заверени изјави освен неговиот претходник, Ѓорге Иванов кој на Заев му побара гаранции при доделувањето на мандатот.

-Моето убедување е дека на луѓето мора да им се верува на зборот, затоа што и тие имаат одговорност. Ако Заев за 20 дена не формира влада, ќе си го врати мандатот. На денот на гласањето во Собрание се утврдува дали има мнозинство или не, рече Пендаровски. Тој вели дека обезбедувањето на мнозинството не може да биде сокриено.