Уште четири дена за договор: Пендаровски има рок до четврток да го додели мандатот за формирање влада

0
156

Течат роковите за формирање ново парламентарно мнозинтво и нова влада, поради што со засилено темпо се одвиваат преговорите меѓу политичките партии кои освоија пратенички места.

Сите тврдат дека разговараат, но никој засега не изнесува детали за текот на преговорите и за тоа дали има евентуален напредок. Рокот до кога претседателот Пендаровски има уставно право да го додели мандатот за формирање на влада истекува во четврток, односно десет дена од конституирањето на Собранието.

СДСМ вчера повтори дека води сериозни преговори за формирање на влада со полн четиригодишен мандат, која, како што потенцира, треба да обезбеди прочистување на правосудството и проверка на потеклото на пари и имот на секој функционер.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, пак, вчера истакна дека партијата има комуникација со политичките партии, но оти не би навлегувал во детали да не ги наруши.

-Од она што може да се забележи од претходно што го говорел и претседателот Мицкоски, но и што се постулатите на ВМРО-ДПМНЕ, програмските, економските определби треба да се идентификуваат. Но не би навлагувал во детали за да не наштетам на процесите, рече Арсовски.

Неизвесно е и кај албанските партии откако Арбен Таравари рече дека би коалицирале со ДУИ ако Зибери биде премиер , но пак партнерот на ДУИ, Беса не сака ни да слушне во владата да влезат нивните довчерашни партнери од Алтернатива.