Ќе се врати ли наесен полицискиот час? – Во последните 24 часа, 87 новозаразени, 5 починати

0
112

Враќање на рестриктивните мерки, односно полицискиот час, затворање на угостителските објекти, забрани за собири, во градови каде бројот на заразени е висок, најавува министерот за здравство, Венко Филипче, во пресрет на есенскиот период, кога се појавува и сезонскиот грип.
„Здравствениот систем се подготвува за лоши сценарија што значи поголем број пациенти и од сезонски грип кои би ги окупирале истите одделенија на кои сега лежат пациенти со Ковид. Се надевам дека граѓаните ќе имаат свест и ќе ги почитуваат мерките, се надевам нема да има вакво сценарио. Имаме план за дополнителни рестрикции согласно со некои мерки, ќе го промовираме наскоро. Тоа значи дополнителни рестрикции во региони каде што има појава на поголем број пациенти или е потенцијален ризик“, истакна Венко Филипче.
Инаку, во изминатово деноноќие регистрирани се 87 новозаразени од вкупно 1156 тестирања. 5 пациенти починале, а 51 ја добиле битката со коронавирус.
„Скопје-34, Гостивар-20, Куманово-13, Тетово-8, Кавадарци-4, Кичево-3, Струмица-2, Струга-1, Битола-1, Берово-1. Починати се пет пациенти, три пациенти од Скопје 49г., 74г. и 72г. Една пациентка од Струга 53г. и една од Берово 57г“, велат од Министерството за здравство.

Од општините во Скопје, во Чаир има 142 заразени, во Гази Баба 126, во Аеродром 124, а во Карпош 102 заразени пациенти. Во другите општини бројот на заразени е двоцифрен.

Од почетокот на епидемијата, нашата земја брои 12.739 дијагностицирани пациенти со коронавирус, 9.174 оздравени, а бројот на смртни случаи изнесува 544. Во моментов има 3.021 активни случаи.