„Врба“ на Манчевски во балканска офанзива ја освојува публиката во Софија и Тирана

0
73

Филмот „Врба“ на Милчо Манчевски вчеравечер го отвори годинашниот Интернационален филмски фестивал во Софија. На режисерот Манчевски, кој присуствуваше на отворањето, му беше врачена Специјалната награда за придонес кон светската кинематографија. Како гест на почитување, фестивалот организираше изведба на песна од Пиринска Македонија која на бина му беше испеана на почесниот гостин по најавата на директорот на фестивалот Стефан Китанов.

Премиерата на „Врба“ и специјалната награда за Манчевски се проследени со голем број написи и интервјуа со авторот во бугарските медиумите, во кои акцент се става на универзалноста на темата на филмот, мајсторската режија и на досегашните успеси, како и на тоа дека се горди на интернационален успех на дело од Балканот.

Овој фестивал е еден од најголемите и најзначајните фестивали на Балканот и досега бил домаќин на голем број значајни филмски имиња од Европа и од светот. Фестивалот ќе трае до 15 октомври и ќе се одржува во физичка форма со запазување на мерките и протоколите пропишани за заштита од коронавирусот.

Истовремено додека во Софија го отвараше, „Врба“ во Тирана вчеравечер го затвораше и годишното издание на Интернационалниот филмски фестивал. Филмот предизвика огромeн интерес кај албанската публика, која според реакциите, го доживеа многу интимно и емотивно.

Покрај фестивалите во Софија и Тирана, „Врба“ е избран во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА) позната и како Европски оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм Рејнденс во Лондон.