Бугарија ќе ја блокира меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ ако не се постигне согласност

0
167

Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ ако не се постигне согласност во разговорите во рамки на Мешовитата експертска македонско-бугарска комисија за историски прашања, најави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во изјава за ТВ 24.

Каракачанов вели дека Македонија три години од потпишувањето на Договорот за добрососедство избегнува договор, а веќе 10 месеци избегнува состаноци во Комисијата, додека од ЕУ чека да застане во нејзина одбрана.

„Уште лани во ноември, пред 10 месеци, запре работата на Комисијата за разгледување на историските проблеми. Тоа е доволна основа Бугарија да го постави тоа прашање многу јасно. Тоа сме го кажале сто пати во последните 10 месеци. Дека ако не се постигне согласност по тие прашања, Бугарија ќе возврати на одржувањето на првата меѓувладина конференција додека прашањата не бидат расчистени. Тоа е позицијата на Бугарија и таа е многу јасна за Скопје“,

вели Каракачанов за ТВ 24.
На директното прашање дали тоа значи дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција, Каракачанов директно одговара: „Се разбира“.

Тој уште вели дека никој не може да влијае врз Бугарија да ја промени одлуката бидејќи, според него, само Софија правела компромиси. Притоа, тој посочува дека Македонија ги сменила знамето и името, а со Бугарија не постапувала коректно.

„Вие се согласивте да го смените знамето, да гo смените името. А со онаа земја, која секогаш ѝ помагала на Македонија, сметате дека може да постапите некоректно. Во меѓународните односи мора да има реципроцитет. И кога Бугарија се однесува џентлменски, се однесува коректно, кога ѝ помага на Македонија, кога беше првата држава што ја призна Македонија, логично е да има реципрочно добро однесување и од другата страна“,

вели Каракачанов за ТВ 24.
Претседателот Стево Пендаровски пред неколку дена во интервју за Канал 5 рече дека не очекува блокада од Бугарија за старт на преговорите и дека сите сигнали што доаѓаат од Германија, како претседавач со ЕУ, упатуваат на тоа дека до крајот на годинава ќе се одржи меѓувладината конференција, што би значело старт на пристапните преговори на Унијата со нашата земја