ЗАЕВ ВО СРЕДА НА СРЕДБА СО МИЦОТАКИС

0
90

Во Среда во Атина на работен ручек премиерите на Северна Македонија и Грција, Зоран Заев и Киријакос Мицотакис ќе разговараат за европската перспектива на земјава, меѓусебните односи, но и за имплементација на договорот од Преспа, кажа портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешен брифинг со новинарите. На забелешка на дел од грчките новинари дека немало напредок во комисиите за учебниците, Пецас кажал дека сепак е важно што двете земји комуницираат нормално.

– Многу е важно што ќе имаме можност одново да разговараме, по изборите во соседната земја, но најважна е европската перспектива на земјите од Западен балкан, преку која можеме да решиме многу прашања, преку интегративните, прединтегративните поглавја што ќе се отовраат и ќе се затвораат. – Стелиос Пецас, портпарол на владата на Р.Грција.

А високиот претставник на унијата за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел во интервју за „Фајненшл тајмс“ вели дека земјите од Западниот балкан, меѓу кои е и Северна Македонија треба да влезат во ЕУ но тоа треба да биде постепено,. Откако се реши спорот за името помеѓу Македонија и Грција, официјален Брисел како тежок проблем сега го гледа спорот меѓу Белград и Приштина околу државноста на Косово. Борел вели дека ЕУ треба да игра многу поактивна улога во регионот.

– Ако не го стабилизираме Балканот, тогаш ќе биде тешко да се сметаме за геополитичка сила, бидејќи никој друг нема да го стори тоа, соседството на ЕУ практично гори“ потребен е силен и единствен одговор од сите членки на Унијата. – Жозеп Борел, Висок претставник на унијата за надворешна политика и безбедност.

Инаку земјава очекува првата меѓувладина конференција меѓу Европската унија и Северна Македонија да се одржи во Декември, со што и официјално би почнале преговорите за членство. Одржувањето на конференцијата во Декември е силна заложба и на официјален Берлин кој сака почнувањето на пристапниот процес за Македонија и Албанија да биде за време на германското претседателство со унијата.